Институтот за јавно здравје денеска со повеќе активности во Градскиот парк го одбележа Светскиот ден на водата 22 Март, за кој пораката на Обединетите нации е „Без вода нема развој“.
Република Македонија е во групата земји во светот со многу висок пристап до безбедна вода за пиење. Во 2014 година пристап имале 97 проценти од населението во државата, наспроти 95 отсто во 2010.
Д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје изјави дека според нивниот мониторинг во изминатите години во Македонија не се регистрирани болести што потекнуваат од водата.
– Проблемни се јавуваат само во села каде не стопанисуваат јавни комунални претпријатија. Таму има појава на бактериолошки неисправни води, понекогаш и физичко-хемиски, но тоа не е голем процент, рече Кочубовски.
Во Извештајот за квалитетот на водата за пиење во Република Македонија за 2014 година на Институт се посочува дека 1,3 милиони жители т.е 63,1 проценти од популацијата во државата се снабдува со вода за пиење од централни водоснабдителни системи, управувани од јавни комунални претпријатија кои ги исполнуваат законските обврски во однос на обезбедување и контрола на здравствената исправност на водата за пиење. Останатите 10,34% се приклучени на градски водоводи, 22,7% во селските населби се снабдуваат од локални јавни водоснабдителни системи, со кои не стопанисува секогаш јавно претпријатие, а 3,86% од локални водоснабдителни објекти (јавни чешми, бунари, извори, пумпи и други индивидуални водоснабдителни објекти).
Светскиот ден на водата во Македонија беше одбележан по шести пат во организација на Институтот за јавно здравје, во соработка со Кат продукција и компании-производители на пакувана вода. Учествуваа и деца од креативниот центар „Ѕвезда“ кои на ликовна работилница твореа на тема „Вода“.
Беа поделени и летоци со податоци за состојбата со безбедна вода за пиење во светски размери и корисни и едукативни информации за значењето на водата за здравјето на луѓето, а пораката за значењето на водата беше пратена и од перформансот „Да се грижиме за иднината, да се грижиме за водата“.