Во Скопје и во останатите градови во државата од утре започнува вакцинирање без закажан тремин, а вакцини во Скопје ќе се аплицираат во поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, кои ќе работат од 7.30 до 19.30 часот.
Од утре се отвора и нов вакцинален пункт во поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот.
Во останатите градови во државата, вакцини без закажан термин ќе се аплицираат во постојните пунктови.
„За вакцинација, доволно е само желба и задолжително документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во ситемот Мој Термин“, информираат од Министерството за здравство.
Во спортските сали, вклучително и во „Борис Трајковски“ од утре ќе се врши само ревакцинација на граѓаните и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин.
„Министерството за здравство апелира до граѓаните што помасовно да се вакцинираат, бидејќи единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација. Овие месеци се одличен период кога бројките на новозаразени и хоспитализирани се намалени, достапноста на вакцините е голема. Апелираме до сите граѓани да дојдат и да се вакцинираат“, стои во соопштението.