Од утре почнува вакцинацијата со кинеската „Синовак“, „Синофарм“ повеќе ја нема во Македонија

Од:

Залихите од кинеската вакцина „Синофарм“ се потрошени, освен за оние кои треба да ја примат втората доза од вакцината.

Од утре, за македонските граѓани ќе биде достапна втората кинеска вакцина, „Синовак“, која ќе почне да се аплицира на вакциналните пунктови во државата. Втората доза на вакцината се прима во рок од две до четири недели.

„Според заклучоците на двете клинички студии ефикасноста на оваа вакцина е над 50 отсто и над 70 отсто“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.

Во моментов, на располагање во Македонија се вакцините на кинеската „Синовак“, американско/германската „Фајзер/Бионтек“ и на британската „АстраЗенека“, која се дава само на лица постари од 60 години. Руската „Спутник В“ подолг период ја нема во земјава – иако беше најавено дека ќе пристигнат 200.000 дози, во земјава стигнаа вакцини за 3.000 лица од Русија, а потоа Србија донираше руски вакцини за 20.000 македонски граѓани.

Инаку, денеска пристигнаа 20.000 вакцини на „АстраЗенека“ од Грција, а во следните неколку денови се очекува и количината од 500.000 вакцини на „Синовак“, обезбедени преку билатерален договор со производителот. На 9 јуни, пак, во Македонија пристигнаа 30.000 дози вакцини „Синовак“ како донација на Турција и тие од утре ќе почнат да им се даваат на македонските граѓани.

„Количината која секој понеделник ја добиваме во рамките на програмата „Тим Европа“ (Team Europe) и билатералниот договор со производителот „Фајзер“ и натаму ќе пристигнува во вкупна количина од околу 12.000 вакцини во пратката“, велат од Министерството.

Светската здравствена организација (СЗО) ја одобри кинеската вакцина „Синовак“ за итна употреба кон почетокот на месецов.

СЗО соопшти дека таа спречува развој на Ковид-19 кај 51 отсто од вакцинираните, а 100-процентно спречува тешки симптоми на болеста и од хоспитализација.

Сепак, според експертите на СЗО, сè уште недостигаат одредени докази и има празнини во пласираните податоци од клиничките истражувања.

„Синовак“ е втора кинеска вакцина која доби зелено светло од СЗО, после „Синофарм“.

Оваа вакцина се користи во 22 држави во светот, меѓу кои Бразил, Индонезија и Турција.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска