Согласно роковникот за изборни дејствија, од понеделник, 25 септември, почнува изборната кампања за Локалните избори. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека со допис ги известила радиодифузерите дека ќе продолжи со мониторингот на изборното медиумско претставување, во согласност со одредбите од Изборниот законик што се применуваат за време на изборната кампања.
Во овој период од изборниот процес, радиодифузерите што одлучиле да ги покриваат изборите треба да ги почитуваат обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, а на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап, до сите облици на изборно медиумско претставување.
Од Агенцијата наведуваат дека известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за правни и на други лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект. Радиодифузерите, како што се истакнува, треба да ги почитуваат правилата за платено политичко рекламирање – со исклучок на јавниот сервис и за објавување на резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес.
Се нагласува дека за Јавниот радиодифузен сервис важат посебни правила за време на кампањата. – Во информативната програма треба да се обезбеди рамноправен пристап, при што 30% од времето да се одвои за дневните настани од земјата и светот, 30 отсто за активностите на политичките партии на власт, 30 отсто за активностите на политичките партии во опозиција и 10 отсто за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на РМ. Во првиот и во вториот круг на гласање, да емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес, а од денот на распишување на изборите до изборниот молк да организира дебатни емисии односно соочувања на најголемите политички партии од власта и опозицијата, како и на останатите учесници во изборниот процес, стои во соопштението.
Програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на РМ во времетраење од по три часа треба да обезбеди бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието, како и еден час за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието.
За периодот на изборната кампања Агенцијата ќе објави по два поединечни извештаи за начинот на покривање на изборите за сите медиуми што се предмет на мониторинг. Првиот извештај ќе биде за периодот од 25 септември до 4 октомври, а вториот за периодот од 5 до 13 октомври. – Подетални информации за правилата за изборно медиумско претставување и начинот на спроведување на мониторингот од страна на Агенцијата, можат да се видат во Изборниот законик и во Методологијата за мониторинг, достапни во посебниот банер Избори 2017, стои во соопштението.