Дополнителните мерки за ограничување на движењето на граѓаните согласно Одлуката за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата, односно за продолжување на полицискиот час на целата територија на Северна Македонија, што ја донесе Владата на предлог на Комисијата за заразни болести и Генералниот кризен штаб, стартуваат од денеска, соопшти владината прес-служба.
Согласно одлуката, од денеска стапува во сила забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.
За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник на целата територија на државата.
Дополнително, за лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот.
За младите лица до 18 години забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.
Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. Владата го задолжи Министерството за здравство веднаш да подготви план за работа и организација на сите јавни и приватни здравствени установи, како и аптеките во општините на територијата на Република Северна Македонија.
Согласно оваа одлука, Владата ги задолжи Општинските кризни штабови да определат економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на територијата на Република Северна Македонија, а економските оператори кои се регистрирани да вршат достава на храна преку он-лајн порачки, непречено да ја извршуваат својата работа за време, во деновите сабота и недела.
За оваа цел, се задолжуваат Општинските кризни штабови, во соработка со Министерството за внатрешни работи да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.
Економските оператори што имаат производствени капацитети да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на Република Северна Македонија и непречено да го организираат работниот процес.
Економските оператори што работат во прва смена треба да го организираат работниот процес согласно забраната и посебниот режим на движење, а производствените капацитети кои работат и во втора, трета и четврта смена да го организираат својот начин на работа како и до сега, со издадени дозволи за движење од страна на работодавачот согласно пропишаниот образец.
Производствените погони, фабрики и транспорт ќе продолжат да функционираат и во време на полицискиот час којшто од утре 8 април почнува од 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот следното утро секој работен ден, како и за време на викенд (од петок од 16:00 часот до понеделник до 05:00 часот).
За оваа намена самите работодавачи ќе издаваат посебни дозволи за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место. Станува збор за истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица во компанијата.
Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи лицето. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата при контрола ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.
Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР.
Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје.
– Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките, истакнаа од владината прес-служба.
Како дополнување на Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, на сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче), им се дозволува од понеделник до петок да може да ги изнесуваат надвор од своите домови, во вечерните часови во времетраење од 30 минути, почнувајќи од 20:00 часот до 20:30 часот, a во деновите сабота и недела, наутро од 08:00 часот до 08:30 часот, попладне од 15:00 часот до 15:30 часот и во вечерните часови од 20:00 часот до 20:30 часот, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат. Притоа граѓаните да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се групираат.
Согласно дополнителните рестрикции за движење, Владата ги задолжи сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, на подрачјето на Градот Скопје, за вработените лица кои работат во овие институции и фирми, а живеат надвор од подрачјето на градот Скопје и патуваат секојдневно на работа, работодавачот да ги упати овие лица на задолжителна работа од дома, без физичко присуство на работното место за време на вонредната состојба, како и да го прилагодат работното време за административните и јавните службеници, односно истите да завршат со своите работни задачи и активности, со цел пред почетокот на забраната за движење на територијата на Република Северна Македонија, односно пред 16:00 часот да можат да бидат во своите домови.
– Како и за сите претходно донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, исто и за оваа мерка важат исклучоците за вработените лица во Министерството за внатрешни работи, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институции претходно опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани. Целта и на овие мерки како и на сите претходно донесени, е пред сѐ спречување на ширењето на коронавирусот заштита на јавното здравје и заштита на здравјето на секој поединец, наведоа од владината прес-служба.