Обвинителството поднесе жалба, бара затвор за возачот што ја предизвика сообраќајката кај „Млечен ресторан“

Од:

Основното јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд поднесе жалба на пресудата за условна казна за сообраќајната несреќа што пред две години се случи во скопски Капиштец, во која загина 32-годишниот тетовец Гоце Димитриевски, а неговата бремена сопруга беше тешко повредена и го загуби бебето.

Обвинетиот, тогаш 61-годишниот Васил Чорбаџиев, инаку долгогодишен извршен директор на компанијата Теал од Тетово, на почетокот на месецов беше прогласен за виновен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.  На осудениот му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од пет години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Сопругата на загинатиот Гоце, Наташа, и неговиот татко Зоран Димитриевски тогаш јавно реагираа на одлуката на Кривичниот суд, велејќи дека условната осуда е несоодветна казна за толку тешко кривично дело.

Надлежниот јавен обвинител оценил дека при одредувањето на санкцијата првостепениот суд ставил акцент на олеснителните наспроти отежителните околности, што казната основно и објективно ја прави блага и неадекватна во конкретниот случај.

„Судот како олеснителна околност ја ценел слободната волја на изразено признание на вина за предметното кривично дело од страна на обвинетиот, кое придонело за брзо и ефикасно завршување на кривичната постапка, а воедно било и израз на подготвеност на обвинетиот да се соочи со последиците од своето дело. Но, јавниот обвинител смета дека признанието вина во услови кога обвинетиот несомнено е свесен за доказите против него и за извесноста да се соочи со санкции само по себе не треба да претставува цел на привилегирање на сторителот, особено кога се работи за кривично дело со несомнено тешки последици“, велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека како олеснителна околност судот ги ценел и семејните услови и возраста на сторителот, но јавниот обвинител истакнува дека токму возраста од 63 години не треба да ја намалува тежината на околностите бидејќи станува збор за возач со долгогодишно искуство, од кого се очекува да ги знае сообраќајните правила и прописи.

Како олеснителна околност од судот е ценет и фактот дека обвинетиот и самиот претрпел трауми за време на сообраќајната несреќа, но во жалбата јавниот обвинител истакнува дека во пресудата овие трауми не се сразмерно одразени наспроти физичката болка и траумите што ги доживеала оштетената, која се соочила со загуба на сопругот и на плодот, а и самата добила тешки телесни повреди.

Изразеното сочувство и каење на обвинетиот по несреќата, изразени на главната расправа и преку писма до оштетената, за судот претставуваат исто така олеснителна околност, но, според јавниот обвинител, тие претставуваат нужен морален чин и граѓанска одговорност.

Истовремено, велат од Обвинителството, отежителните околности во пресудата се наведени без соодветна елаборација на правните аргументи, што довело до благ казнено-правен третман и објективно неосновано изречена кривична санкција, се наведува во жалбата.

Од тие причини, јавниот обвинител предложи Апелациониот суд да изрече построга казна, односно казна затвор на обвинетиот, како и да му се изрече забрана за управување со моторно возило.

Би можело да ве интересира

Дваесет и тригодишник тешко повреден при сообраќајна незгода на патот Кавадарци-Росоман

Ана Ололовска

Поднесено обвинение против 29-годишно лице од Скопје за поседување дрога и муниција

Ана Ололовска

Едно лице загина во сообраќајката во скопско Трубарево

Ландов

Притвор за двајца албански државјани за поседување 226 грама марихуана

А1он

Возач удрил во пешак во село Карбинци и побегнал

Тројца повредени во сообраќајка кај Струмица

Ана Ололовска