Обвинителството не ја гони кривично директорката оти сè уште е неизвесно дали заразила некого

Од:

Основно јавно обвинителство ја следи состојбата, но сè уште е рано да поведе постапка за барање одговорност од директорката на Клиника за дерматологија, Нина Цаца Биљановска, која по враќањето од Италија место да остане во изолација, пет дена доаѓала на работа, а одржала и семинар со повеќе од 100 присутни. Кај неа во неделата бил дијагностициран коронавирус, а вчера во изолација беа ставени близу 200 лица со кои имала контакт.

Од Обвинителството објаснуваат дека не можат да оформат предмет за одговорноста на директорката бидејќи сè уште не извесно дали е заразено некое од лицата кои сега се во изолација.

„Во поглед на настанатата ситуација со докторката – директорка на Универзитетската клиника за дерматологија, Јавното обвинителство ја известува јавноста дека ја следи настанатата состојба и укажува дека сè уште е рано за кривично-правна интервенција, од причина што лицата со кои имала контакт докторката се во карантин и сè уште не е познато дали таа кај нив предизвикала пренесување на заразната болест, што е битна околност за кривично-правно постапување. Од друга страна, и самата докторка е во карантин и во овој момент не може да се утврди дали во конкретниот случај постапувала умислено или од небрежност“, велат за „А1он“ од Обвинителството.

Во Кривичниот законик се пропишани казни за две кривични дела кои се однесуваат на непочитување прописи и наредби со што се предизвикува пренесување заразна болест.

„За кривичното дело пренесување заразна болест од член 205 став 1 од Кривичниот законик потребно е сторителот со кршење прописи или наредби да предизвика пренесување заразна болест. Ова кривично дело е умислено по својата правна природа. Воедно, во ставот 6 од истиот член е пропишана и казнивост на ова кривично дело сторено од небрежност. За кривичното дело  непостапување по здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик се казнува сторител кој за време на епидемија на опасна заразна болест не постапил според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување. Во поглед на второто наведено кривично дело, упатуваме дека битен елемент за исполнетост е да има прогласена епидемија на заразна болест, а во земјава таква состојба немаме во овој момент“, објаснуваат од Обвинителството.

Директорката Биљановска од вчера е сместена на Клиниката за инфективни болести. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека ќе биде разрешена поради тоа што не ги следела препораките за заштита од коронавирус и не се изолирала по враќањето од Италија.

Би можело да ве интересира

Ниту една пријава до обвинителство за изборите – изборниот ден мина мирно

Анита Петровска Рајковиќ

Обвинителството чека извештај за претресите во Идризово, официјална потврда за ископаните тунели се уште нема

Татко ги терал децата да питачат, а парите ги трошел во казино – доби пријава

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Обвинителството задоволно од пресудата во случајот со грабнувањето на Костадиновски

Орце Костов

Обвинителство: Институциите да се воздржат од споделување информации, убиецот на докторот од Железара не е откриен

Орце Костов

Притворените за убиството на лекарот ќе бидат пуштени – нема докази дека се извршители на делото

Анита Петровска Рајковиќ