Обвинителка одлучувала дали ќе биде реизбрана колешката што го гони нејзиниот сопруг за перење пари

Од:

Нов скандал го тресе Советот на јавните обвинители по информациите во јавноста дека претседателот на ова тело, Коле Штерјев, незаконски ја избрал внуката во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. „Макфакс“ дознава дека на вчерашниот реизбор на обвинители за нов мандат на обвинителката Лидија Раичевиќ во Обвинителството за организиран криминал и корупција гласала Фиданка Рајевска. Таа е сопруга на еден од директорите на НЛБ банка, кој од лани е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за перење пари. Таа не се иззела кога се гласало дали обвинителката која го сомничи нејзиниот сопруг за перење пари, да продолжи да работи во Обвинитеслтвото за организиран криминал и корупција.

Претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев, за „Макфакс“ потврди дека неговата колешка Фиданка Рајевска гласала кога се носела одлуката за Раичевиќ, но не откри како. „Колешката Рајевска не гласаше против реизборот на Раичевиќ, но не можам да ви кажам како гласаше“, вели тој. Според Штерјев, Раичевиќ не била реизбрана во Обвинителството за организиран криминал и корупција бидејќи немала доволно бодови. Рајевска во 2012 година е избрана за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, а четири години подоцна е избрана за член на Советот на јавните обвинители.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција тогаш објавија дека во периодот од 2006 до 2017 година биле преземани дејства за основање фирми, подигање кредити и пренесување парични средства во Словенија и во австриски фирми. Некои од средствата подоцна биле инвестирани во основање нови фирми и купување недвижен имот на подрачјето на Битола. Со цел да утврди факти и да обезбеди докази, како што се додава во соопштението, Обвинителството во соработка со Министерството за внатрешни работи издало наредби за анализа на финансиски трансакции и обезбедување на целокупниот доказен материјал од имотна, финансиска и од управна природа.

Советот на јавните обвинители вчера избра 7 обвинители во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Меѓу нив не беше и обвинителката Раичевиќ, која конкурирала на огласот. Лидија Раичевиќ ги водеше предметот „Ровер“ за ексминистерот Љубе Бошкоски и „Еразмус“ за професорите од Економскиот факултет, а го критикуваше и Советот на јавните обвинители за непотизам.

Вчера во Обвинителството за организиран криминал и корупција реизбрани се досегашните обвинители Вилма Рускоска, Наум Пановски и Сузана Мирчевска. Вилма Рускоска ја води истрагата за 27 април, а со охридскиот обвинител Наум Пановски, кој доби нов мандат, го водеше и предметот за „Диво Насеље“.

В. Маглешов

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС

А1он

Ниту една пријава до обвинителство за изборите – изборниот ден мина мирно

Анита Петровска Рајковиќ

Обвинителството чека извештај за претресите во Идризово, официјална потврда за ископаните тунели се уште нема

Татко ги терал децата да питачат, а парите ги трошел во казино – доби пријава

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Обвинителството задоволно од пресудата во случајот со грабнувањето на Костадиновски

Орце Костов

Обвинителство: Институциите да се воздржат од споделување информации, убиецот на докторот од Железара не е откриен

Орце Костов