Далибор Алешковиќ, обвинет во предметот „Титаник“ на специјалното јавно обвинителство, рече дека ако сакал да бега, ќе избега.
Тој е вработен во Владата, а е осомничен за злосторничко здружување. Неговата жалба на решението на Кривичниот суд со кое му е одземен пасошот денеска беше разгледана во Апелацискиот суд.
Одбраната смета дека не постои опасност од бегство и дека одлуката на Кривичниот суд е генерална за сите обвинети во „Титаник“, а не индивидуализирана.
Гаврил Бубевски од СЈО рече дека остануваат на тоа жалбата на обвинетиот да биде одбиена. Според него, станува збор за најниска мерка на претпазливост.
Далибор Алешковиќ е обвинет за злосторничко здружување. Тој рече дека редовно се јавувал на поканите на СЈО и дека ако сакал да бега, ќе избегал.
„Бегството не решава ништо“, рече тој. Исто така, Алешковиќ рече дека пасошот го користел само за одмор и за службени потреби.
„Титаник“ е првиот предмет на СЈО. Се однесува за изборни манипулации, а меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот секретар на Владата, Кирил Божиновски. Обвинети се и судии и поранешни членови на ДИК.