Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР го започна процесот на набљудување за Локалните избори 2017. Изборите што ќе се спроведуваат во 80 општини и во Градот Скопје на 15 октомври ќе ги следат 336 набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР.
Амбасадорката Одри Гловер, шеф на мисијата, на денешната прес-конференција посочи дека 16 експерти на ОБСЕ/ОДИХР се веќе во земјава, а ним оваа недела ќе им се придружат уште 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја, во тимови по двајца, започнувајќи од 18 септември. Пред локалните избори во Македонија ќе допатуваат уште 300 краткорочни набљудувачи кои ќе ги следат изборите во сите општини во земјата.
– Важно е да се разбере дека ние само ги набљудуваме изборите и оти не се мешаме во процесот, за којшто само известуваме, рече Гловер.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе ја оценува усогласеноста на овие избори со заложбите на ОБСЕ и со другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашните прописи.
Набљудувачите, како што истакна амбасадорката Гловер, внимателно ќе го следат процесот на регистрација на кандидатите и гласачите, кампањските активности, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови.
Како дел од процесот на набљудување Мисијата исто така ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.
Најавени се средби со претставници на власта, политичките партии, со кандидатите за градоначалници и за советници, и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница.
На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на глчасачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите.
Мисијата ќе објави еден периодичен извештај во текот на својата работа, на денот на изборите, ќе биде дадена изјава за првичните наоди и заклучоци, додека конечниот извештај за набљудувањето ќе го објави околу осум недели по завршувањето на изборниот процес.