Обраќање на Пендаровски – за власта во согласност со државните интереси, опозицијата го бојкотираше

Од:

Пандемијата да се стави под контрола, како прв и најсериозен предизвик, а потоа да се пристапи кон реформи на целокупниот систем на кризниот менаџмент, и неотстапување од патот кон ЕУ за која нема алтернатива и покрај бугарското вето – беа главните поенти во годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски вчера во Собранието.

Само преку процесите на европеизација, кажа претседателот, можеме да станеме реална и просперитетна демократија во релативно краток временски период. Ќе учествуваме во сите регионални и континентални иницијативи, рече, само ако тие се комплементарни и не претставуваат замена за членството во Унијата.

– Членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите. За таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум – затоа што резултатот ќе биде однапред познат, истакна Пендаровски, кој за спорот со Бугарија не смета дека треба да има лидерска средба, зашто имаме институции со полн легалитет и легитимитет, ниту е потребна посебна седница на Парламентот за утврдување на нашите црвени линии во разговорите со Софија затоа што, рече, ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик.

-За мене е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944 година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава, истакна шефот на државата.

Зборувајќи од лично искуство, рече, во целокупниот македонски политички врв, и во власта и во опозицијата, не познава ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец.

-Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа, порача Пендаровски.

Говорот тој го почна за состојбата со пандемијата и го заврши со апел граѓаните да се придржуваат до мерките за да дојдеме побргу до нормалата. Изрази сочувство и им оддаде почит на над 2100 луѓе кои ја загубија битката со вирусот, како и благодарност до медицинскиот персонал и сите што се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.

-Тие се вистинските херои на оваа 2020 која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност, истакна Пендаровски, според кого, покрај справувањето со пандемијата, како прв и најсериозен предизвик, не помал предизвик ќе биде, рече, и избегнување на долгорочните негативни последици од недовербата на граѓаните во институциите, но и во науката и струката, која се интензивираше во ковид-кризата.

Пандемијата направи огромен притисок врз нашиот здравствен систем, но избегнавме колапс, рече претседателот, што веројатно ќе значеше поголем број жртви и заболени.

-Наша прва и најважна задача што нѐ очекува како држава, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата е да направиме длабинска анализа за функционирањето на нашиот правен, политички и економски поредок во изминатава година, да извлечеме поуки и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија, затоа што никој не знае дали некоја нова пандемија не нѐ чека веќе на следиот свиок на историјата, рече Пендаровски и најави дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата што ќе придонесе за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент.

Во обраќањето претседателот се осврна на годинашното зачленување во НАТО, пописот кој треба да биде кредибилен, како и на иселувањето на младите, нагласувајќи дека се потребни структурни промени во нашиот образовен систем со што Северна Македонија ќе се трансформира во стартап земја, во која се поддржуваат и промовираат иновациите и новите технологии.

Претседателот порача и дека да се постави на здрави темели правната држава не е прашање на техничка реформа на некоја од правосудните институции, туку егзистенцијално прашање за опстанокот на нашата држава. А од правната држава, рече, директно зависат: економскиот развој, демократијата, конечно, и емиграцијата.

Премиерот Зоран Заев на Фејсбук оцени дека обраќањето на Пендаровски е одговорен пристап во согласност со државните интереси и придонес на нашите стратешки определби.

– Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугарија, напиша Заев, според кого од обраќањето на претседателот на државата е јасно дека делат заеднички став и едногласност дека нема преговори за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност како Македонци.

Заев во објавата напиша и за придонесот на Пендаровски во борбата со коронавирусот во период кога немавме функционално Собрание, наведувајќи дека „го премости периодот до изборот на новата Влада, со што се создадоа и сите предуслови за решителен институционален одговор на здравствено-социјалната и економската криза“.

СДСМ и ДУИ со позитивни оценки за годишното обраќање на Пендаровски пред пратениците. Според координаторите на пратеничките групи Јован Митрески и Арбер Адеми, шефот на државата се обратил во рамки на надлежностите на неговата функција и во линија на државните интереси.

– Од институцијата Претседател, сега, за разлика од претходно, навистина гледаме државнички пристап и единство за стратешките позиции, што е многу важно за нашата земја, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, кој чинот на опозициските пратеници да ја напуштат седницата додека се обраќаше претседателот го оцени како неодговорно, антидржавно и деструктивно однесување.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала во која влегоа со транспаренти. Потпретседателот на партијата Александар Николоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници му го свртеле грбот на Пендаровски поради тоа што тој му го свртел грбот на народот со тоа што, рече, ги поткопал темелите на македонската самобитност и идентитет и ги срушил македонските национални позиции во преговорите.

Според него, без елементарен доказ за обезбедено мнозинство, Пендаровски му го доделил мандатот на Заев и го ставил, како што рече, во привилегирана позиција за составување Влада, а обвини и дека самиот Пендаровски бил нелегитимно избран за претседател на државата.

-Докажа дека не е претседател на сите граѓани туку извршител на една политичка структура, извршител на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани… Стево Пендаровски е прв којшто кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин, и ја отвори Пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, изјави Николоски.

Пратениците од опозициската коалиција Алијансата на Албанците и Алтернатива беа со став дека обраќањето на претседателот Пендаровски не се разликува од ставовите на Владата и на партиите кои се во мнозинство. Според координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи, тоа е најзабележливо во однос на ставовите за изборниот процес, справувањето со пандемијата и за лидерските средби.

Би можело да ве интересира

Пендаровски до ВМРО-ДПМНЕ и Давкова: Немој да си играте со судбината на Македонија

Предраг Петровиќ

НСДП: Ги повикуваме граѓаните да гласаат за нашиот претседател Стево Пендаровски

Пендаровски: Мицкоски по амбасади ветува дека прв негов приоритет ќе биде внесување на Бугарите во Уставот

(ВИДЕО) Пендаровски: Знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв од ветинг

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пендаровски до Силјановска-Давкова: Нека ѝ служи на чест!

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пендаровски во Виница: Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот

Горан Наумовски