Повторно е активира Канадско-македонска група за пријателство во Парламентот во Отава, која ќе служи како тело за зацврстување на билатералните односи меѓу Канада и Македонија, соопшти Обединетата македонска дијаспора.
Првично основана од страна на првиот канадски пратеник со македонско потекло Луи Темелковски, групата сега е возобновена како резултат на соработката помеѓу македонската заедница во Канада и Амбасадата на Македонија во Отава, велат од ОМД поздравувајќи го ваквиот чекор.
Во групата моментно членуваат околу 20 пратеници, за претседател е избран Владислав Лизон, а потпретседатели се Џон Магистерски, Брајан Масе и Џеф Вотсон.
Амбасадорот Љубен Тевдовски неодамна изјави дека формирањето на македонската група во Парламентот на Канада е историски чекор, кој се темели на заедничките вредности, солидарноста и взаемната поддршка меѓу двете земји.
Директорот за канадските операции на ОМД Џим Даикос истакна дека веќе неколку години го охрабруваат отварањето на Канадско-македонската парламентарна група за пријателство, и особено се радуваат на постигнатиот успех.
– Овај успех не би бил возможен без клучната улога на целата Канадско-македонска заедница за подобрување на односите помеѓу двете земји, како и подигање на свеста за важните меѓунадродни прашања во Македонија, рече Даикос.
Канада ја призна Македонија под уставното име во 2007 година. Во прекуокеанската земја живеат околу 250.000 канаѓани со македоснко потекло.