Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија го отвори јавниот повик за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2020 година, кое што се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од нашата земја, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри.
Јавниот повик, како што информираат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, ќе биде отворен до 1 ноември 2021 година.
Признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на 2020 година, во следните осум категории.
1. Најдобар/а млад/а научник/чка во општествените науки;
2. Најдобар/а млад/а научник/чка во хуманистичките науки;
3. Најдобар/а млад/а научник/чка во природно-математичките и техничките науки;
4. Најдобар/а млад/а научник/чка во медицинските науки;
5. Најдобар/а млад/а иноватор/ка;
6. Млад талент (за ученици и ученички од средните училишта);
7. Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост);
8. Најдобар/а млад/а уметник/чка.
На јавниот повик може да аплицираат сите лица коишто заклучно со 2020 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен за шестата категорија (млад талент) за која можат да се пријават само ученици и ученички од средните училишта.
Условите и начинот за доставување на пријавите е достапен на веб-страницата на Претседателот на Република Северна Македонија на: македонски јазик: https://bit.ly/3FjdsrR ; албански јазик: https://bit.ly/3D4cb5K и на англиски јазик: https://bit.ly/3a1Px1j
Препознавајќи ги, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски, социо-економските предуслови на поединците како значаен фактор во пристапот и можностите за образование и професионален напредок, со овој повик особено ги охрабруваме сите млади кои припаѓаат на ранливи категории да поднесат апликации за признанието „Успешни млади”.