Македонија е рангирана меѓу земјите со најлоша буџетска транспарентност во светот, соопшти денеска Центарот за економски анализи (ЦЕА), повикувајќи се на истражувањето „Отворен буџет (ОБИ) 2017“ на Меѓународното буџетско партнерство (МБП).
Според ЦЕА, по ерозијата на фискалната дисциплина и широката злоупотреба на претходната влада пред предвремените парламентарни избори кога државата беше етикетирана како „заробена“, најголемиот независен глобален извештај откри дека новата Влада на Македонија може да ја подобри транспарентноста на брз начин, со мали трошоци и напор.
– Иако многу е направено по смената на претходната влада која ја еродираше фискалната дисциплина и транспарентност, уште многу треба да се направи. Македонија треба да го подобри Предлог-буџетот и да понуди повеќе буџетски информации, да обезбеди повеќе учество на граѓаните во буџетскиот процес и да го зајакне надзорот на буџетите и кај законодавецот и кај државната ревизија, рече претседателот на ЦЕА Марјан Николов на прес-конференција.