Лицето Ѓорге Иванов уште еднаш покажа дека личната политичка недозреаност и недораснатост за функцијата Претседател на Република Македонија е идеален инструмент на„злосторничкото здружение“ за темелно еродирање на сите институции на системот, погазување на демократските вредности и принципи и туркање на државата во меѓународна изолација. Она што Никола Груевски нема храброст лично да го соопшти, вечера го кажа Иванов во својство на портпарол на една криминализирана политичка елита за која се ближи моментот кога ќе заврши на ѓубриштето на историјата.
Со нападите врз Специјалното јавно обвинителство, демонизирањето на опозицијата, споменувањето на некои мистериозни странски центри на моќ, амбасади, армијата, не само што Иванов докажа дека е „обземен“ од криминалниот и авторитарен дух на неговиот политички гури, Никола Груевски, туку со атакот на основните постулати на Пржинскиот договор директно ги нападна пријателите на Македонија во меѓународната заедница, САД и ЕУ.
Не само што дополнително ја поларизира внатрешната политичка конфликтност во општеството, препознавајќи ја опозцијата и граѓаните од Шарената револуција како внатрешни непријатели, туку долеа и „бензин на огнот“ со привидението за некакви надворешни непријатели.
Македонската јавност е сведок на политичка параноја, хистерија и шизофренија. Ако досега отсуството на легитимитет и неодговорното политичко однесување беа главните причини за потребата од итно поднесување на оставка од претседателската функција, сега кон овие аргументи се надополнуваат и личните капацитети и способности на Иванов да се носи предизвиците во кои се наоѓа Македонија. НСДП смета дека оставката од фунцкијата нема да биде доволна за да се компензира штетата за ѓраните која ја направи, тој целосно заслужи да биде прогласен и за персона нон грата.
НСДП смета дека и гарантите на договорот од Пржино, САД и ЕУ, сериозно треба да размислат околу идната политичка комуникација и соработка со Иванов. Неговото политичко однесување директно ги загрозува евро-атлантските перспективи на земјата, и истиот не може повеќе ниту под „точка разно“ да ја претставува Македонија или да учествува во нејзино име на формални и неформални средби, самити, состаноци, поврзани во евро-атлантските процеси и перспективи на државата,соопштуваат од НСДП.