„Вчера македонската јавност можеше да види еден уплашен и неодговорен премиер на кого граѓаните ја довериле довербата да ги води.
Груевски покажа дека тој самиот е најсериозната закана за безбедноста и стабилноста на Македонија, признавајќи дека безбедносниот систем е разнебитен од странска разузнавачка служба која со години прислушувала и следела илјадници граѓани“, велат од НСДП.
„Настапувајќи како разузнувач, таен агент, јавен обвинител, судија и шеф на сите институции, затоа што „тој така одлучил“, наместо како одговорен премиер да ги охрабри граѓаните, тој ги исплаши дури и неговите сопартијци и симпатизери покажувајќи дека безбедносниот систем е распаднат.
Посочувајќи дека станува збор за странска разузнувачка служба, а не кажувајќи која е, несвесно ги става под сомнеж сите држави во светот како непријатели на македонските граѓани.
Никола Груевски и Ѓорге Иванов не повикаа никој од одговорните во македонските безбедносни структури на одговорност и продолжија несериозно да се однесуваат кон прашањето за безбедноста на државата и граѓаните.
НСДП ги повикува претседателот на државата и премиерот јавно да соопштат за која странска разузнавачка служба станува збор и веднаш да преземат соодветни санкции, бидејќи граѓаните мора да знаат од каде се загрозени“, се вели во соопштението на НСДП.