Новогодишно обраќање на претседателот Иванов

Од:

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во новогодишното обраќање им упати на граѓаните желби за многу здравје, радост и среќа.

Со оптимизам и сила, разумност, достоинство и чест сакам да влеземе во Новата 2013 година, вели Иванов, додавајќи оти само така ќе ги постигнеме нашите цели.

– Јас верувам дека Република Македонија ќе биде таму каде што заслужува да биде. Затоа сите заедно да ја градиме Македонија во височина. Да ги достигнуваме највисоките стандарди и вредности, истакнува претседателот Иванов, посакувајќи им на сите граѓани топлина во домот и радост кај вашите деца, затоа што, вели, животот нè научил да бидеме трпеливи, мирољубиви, солидарни. Имајте широко срце, и за давање, и за примање љубов и добрина им порачува, и почитувајте се меѓу себе, и помагајте си.

– А ние, кои сме ја добиле вашата доверба и во идната година ќе продолжиме несебично да создаваме подобар и посреќен живот, за сите нас. Сепак, нека желбите бидат реални, за да бидат остварливи, нагласува претседателот Иванов.

Годината што заминува, потсетува тој, беше исполнета со многу исчекувања и многу предизвици.

– Ова се времиња кога големите идеи и големите проекти проаѓаат низ кризни периоди. Ние не сме имуни на сето тоа што се случува во светот, и на економски и на политички план. Вие почитувани граѓани ги чувствувате тие промени, но благодарејќи на вашата мудрост и вашата сила, излегуваме секогаш поцврсти и порешителни. Секоја криза во исто време е и голем предизвик. Време за нови можности и надежи. Овие празнични моменти, се моменти, кога нè сплотува надежта. Надежта е таа што ни дава сила да опстоиме во заедничките цели. Ни дава елан и мотив за подобра иднина, стои во обраќањето од претседателот Иванов.

Ова се и моменти, потенцира, да се потсетиме дека никогаш не треба да го потценуваме тоа што го имаме.

– Да го почитуваме, тоа што досега сме го стекнале, како во домот меѓу блиските, така во местото каде живееме и работиме, но и во државата како целина. Нашето одговорно однесување ни дава основа да бараме и другите одговорно да се однесуваат кон нас. Разликите и поделбите не смеат да нè одвлечат од државните интереси и стратешките цели. Потребни ни се единство и сплотеност, за успешна и просперитетна Република Македонија, порачува Иванов во новогодишното обраќање.

Претседателот на Република Македонија укажува дека им должиме благодарност на сите кои изминатава година, дадоа придонес, да се чувствуваме горди и успешни.

– Секој постигнат резултат, секој освоен медал или признание е мотив за нови успеси. Успехот на секој од нас, е успех на нашата татковина. Тоа што ќе го вложиме, тоа и ќе го добиеме, а по тоа, и другите ќе не препознаваат, подвлекува Иванов.

Тој искажува благодарност и кон Армијата на Република Македонија и безбедносните сили, кои ги чуваат и бранат нашиот мир и вредности.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова: Жените беа мојата инспирација, нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата

Орце Костов

(ВИДЕО) Пендаровски: Мицкоски и Силјановска пред странските дипломати велат дека ќе го сменат Уставот, а народот го лажат дека нема да прават промени

Орце Костов

Јакимовски: На Македонија ѝ требаат над 50 милиони евра за младите да останат дома

А1он

СДСМ: Глас за Пендаровски е глас за сигурна европска иднина

А1он

Пендаровски прв на гласачкото ливче, ДИК ја одреди ждрепката за првиот круг

Орце Костов

Кабинет на Пендаровски: Претседателот може да користи службено возило и за време на кампања

Орце Костов