Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со волонтери од Црвен крст подели пакетчиња и подароци за 115 деца без родителска грижа, сместени во згрижувачки семејства.
На активноста се приклучија и децата од три одделенија од ОУ „11 Октомври“, кои изрботија новогодишни украси и преку продажбата обезбедија подароци за три деца.
Царовска повторно го нагласи приоритетот на Владата за трансформација на големите институции во мали домови за децата, посочувајќи дека веќе има сто згрижувачки семејства каде се сместуваат децата.
– Им порачав на децата да се борат за нивните соништа, да се грижат заеднички да создадеме Македонија да биде подобра за сите, подобра за секое дете, а згрижувачките семејства се дел од тој процес, нагласи Царовска.
Секретарот на Црвениот крст Сузана Тунева Пауновска изрази благодарност до сите кои се вклучиле во акцијата.
– Оваа активност започна многу скромно пред десет години, меѓутоа прерасна во нешто што значи обележје на нашиот град за време на новогодишните празници, наведе таа.
Изрази задоволство што била дел од акцијата на која се приклучил цела „армија“ хумани луѓе.
– Децата во згрижувачките семејства се нешто многу важно за Црвениот крст, ние во текот на целата година перманентно работиме со нив, организираме работилница, им помагаме на згрижувачите со хуманитарна поддршка, меѓутоа најважно од се е дека тие имаат секојдневна посета на волонтери во нивните домови, нагласи секретарката на Црвен Крст.