„Препознај, реагирај! Црвен картон за булингот!“ е слоганот под кој вечер од 20 часот на плоштадот „Македонија“ ќе биде промовиран новиот, 31-ви број на уличното списание „Лице в лице“.
Во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и со Иницијативата против булинг на група родители, овој број е посветен на темата врсничко насилство.
Бендот „Љубојна“, поп-пејачката Кристина Арнаудова и водителската четворка од емисијата „Утринска на Телма“: Цеце, Марко, Елена и Гоце, ќе бидат промотори на новиот број на списанието чија цел е подигнување на јавната свест за ова важно прашање.
Тие ќе им дадат поддршка на продавачите на „Лице в лице“ и заедно со нив ќе поделат црвени картони, кои симболично треба да ја означат битката што треба да се води со овој комплексен проблем, како и да укажат на подготвеноста да се размислува и дејствува потрезвено кога се во прашање младите.
Од „Лице в лице“ појаснуваат дека одлуката да се стави оваа тема во фокус доаѓа оттаму што ваквата форма на непосакувано и агресивно однесување, која е најприсутна во училиштата, зема голем замав, алармирајќи дека може да има далекусежни последици врз психолошкото здравје на младите.
– Вредностите кои треба да се развиваат кај младите се емпатијата, сочувството, солидарноста, алтруизмот и затоа нашиот придонес ќе биде ставање светло на овој општествен проблем кој, поради својата природа, не секогаш лесно се детектира и препознава, велат од „Лице в лице“.
Оваа активност е дел од Неделата на граѓански организации, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 19-ти до 23 јуни.