Новинар, режисер и поранешни вработени во МВР-УБК денеска сведочеа во предметот „Тврдина-Таргет“. Новинарката Мери Јордановска-Чанчаревиќ, во свој исказ пред судечкиот совет предводен од судијката Џенета Бегтовиќ, рече мотиви да бара од СЈО потврда дека била прислушувана незаконски произлегле од прес-конференцијата одржана од СДСМ, кога и била доставена папка со транскрипти од разговори.
– Во папката имаше наведено 10-20 разговори меѓу мене и различни лица. Дел од разговорите беа прераскажани, а дел како диалог. Тогаш добив сознание дека сум била прислушувана, рече новинарката Јордановска-Чанчаревиќ, која уште додаде дека се чувствува како оштетена, односно ќе биде вклучена во граѓанската постапка која е најавена за овој случај.
Свој исказ имаше и лицето Игор Иванов, (режисер – филмски работник) кој пред судот рече дека е изненаден што денеска е повикан како сведок, со оглед дека од обвинителството не вратиле одговор дали е прислушуван или не. Објаснувајќи ги причините зошто поднел барања за потврди дали е прислушуван незаконски, тој рече дека во тој период (2008-2015) неговото име се појавувал во јавноста во негативен контекст.
– Појавувањето на моето име во јавноста од тогашната власт имаше импликациипо мене. Некои луѓе не сакаа да комуницират преку телефон. Заради ова побарав да видам дали слум прислушуван, рече сведокот Иванов. Тој истакна дека откако ќе добие потврдата дали е прислушуван ќе се изјасни за оштетата.
На ова рочиште сведочеа и две лица, поранешни вработени во УБК од делот за логистика, кои учествувале во уништувањето на опремата за следење на комуникаците во 2014-2015 година во Волково и Горѓе Петров.
Следното рочиште за овој предмет е закажано за 8 октомври.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.
Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, додека обвинението е застапено од обвнителската тројка Трајче Пеливанов, Ленче Ристовска и Артан Ајро.
Судењето по предметот „Таргет-тврдина“ е започнато на 22 декември 2017 година.