Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се закажани нови рочишта за предметите Титаник, Т.Н.Т., Ласкарци и Маџар Телеком.
Судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари годинава во која загинаа 16 лица се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со сослушување на вшетак од ФЕИТ.
Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
За автобуската несреќа обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со сослушување на сведоци, предложени од обвинителството. Предметот го води судијата Осман Шабаниа, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Случајот го отвори СЈО, за потоа да го преземе државното Јавно обвинителатво, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова.
Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на Македонски телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком” го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната. Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Сега предметот повторно е вратен на ОЈО.
Покрај Сендреи и Плат, обвинети се и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Се сомничат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин ги оштетиле Македонски телеком и Буџетот на Македонија.
Предметот „ТНТ“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми.
За уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.