Mинистерството за транспорт и врски набави нов систем за видео надзор и читање на регистарските таблици на граничните премини, што во следниот период ќе се инсталира на сите гранични премини во земјата. Министерот Благој Бочварски денеска го потпиша Договорот за имплементација на нов централизиран видео систем, со вредност од 928.500 евра, систем кој што ќе биде имплементиран во рок од една година.
Имплементацијата на овој информатички систем е во рамките на Проектот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, а за потребите на Министерството за внатрешни работи и Царинската Управа.
Системот ќе биде поставен на 40 локации, на сите гранични премини во Република Македонија.
Тој опфаќа систем за видео надзор со 350 различни различни типови на дигитални камери, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците.
„Унапредувањето на транспортот и на безбедноста на патиштата во Република Македонија се високо на агендата на Министерството за транспорт и врски. Во таа насока континуирано работиме на мерки и активности со кои што го развиваме транспортот и ова е еден од проектите кои што заеднички бенефит ќе има Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Царинската Управа и секако граѓаните со кои што ќе се подобрат условите за работа на граничните премини. Регионалната соработка е наш приоритет и продолжуваме со реализација на вакви проекти кои ќе донесат регионален развој“, истакна министерот Бочварски.