Новата Влада на Ковачевски пред пратениците

Од:

Предлогот за реконструкција на Владата, чиј кабинет се проширува со кадри од Алијанса за Албанците, а се намалува со тие од „Алтернатива“, денеска е на дневен ред на 104. седница на Собранието.

На седницата закажана за попладне во 15 часот ќе се расправа и одлучува за избор на четворица нови министри и петмина заменици министри, по одлуката за влез на АА во владиното мнозинство. Во пресрет на денешната седница, „Алтернатива“ ја соопшти одлуката на Централното претседателство дека ќе делува како опозиција, а претходно во петокот премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на АА Арбен Таравари ги заокружија преговорите за соработка.

Претседателот на „Алтернатива“ Африм Гаши вчера по седницата на Централното собрание најави дека тројцата пратеници од оваа партија ќе дејствуваат како опозиција, нивните функционери ќе се повлечат од функциите, но доколку има уставни измени ќе гласаат „за“.

Со Предлогот за реконструкција на Владата, тројцата министри од Алтернатива, за здравство, за информатичко општество и администрација и за дијаспора треба да бидат разрешени и заменети со кадри од Алијанса за Албанците. Истовремено треба да се констатираат и оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски од СДСМ и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини од ДУИ, кои остапуваат по едно министерско место.

Разрешувањето на министрите е прва точка на 104. седница на Собранието, по што следи изборот на новите кадри – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ.

По изборот на министрите треба да се гласа за нови заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство, откако ќе бидат разрешени Башким Хасани од функцијата заменик министер за одбрана, Абдулќушур Абедини од заменик министер за земјоделство и Лулзим Алиу од заменик за образование.

За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлогот на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, која доаѓа на местото на Агим Нухиу од ДУИ, кој пак ќе ја продолжува политичката кариера како заменик министер за обарзование и наука. Ќе се гласа и за предлогот заменик министер за здравство да биде Маја Манолева, која треба да го замени Владимир Рендевски, кому треба да му биде констатирана оставка.

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што најави нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, претпладне во 10 часот ќе има координација на која ќе го договорат настапот на седницата за владината реконструкција.

Предложената реконструкција на Владата е прва во мандатот на Ковачевски, а според собранискиот Деловник, нема ограничувања за времетраењето на дебатата.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Алијанса за Албанците: Директорот Мемеди призна дека продолжува да го загрозува здравјето на децата во клиниката

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година