Посредникот во разговорите за спорот за името Метју Нимиц ја свика новата рунда разговори во Њујорк, за 24 и 25 октомври. Од канцеларијата на генералниот секретар Бан Ки-мун информираат дека двајцата учесници во разговорите, Зоран Јолевски од македонска и Адамантиос Василакис од грчка страна, го потврдиле своето учество на средбата.
Форматот на средбата останува ист, со дводневни разговори во седиштето на Обединетите нации, на кои се очекува да учествува и заменикот генерален секретар Џефри Фелтман.
– Амбасадорот Нимиц ќе се сретне со двајцата претставници одделно, а потоа заедно со нив, за да продолжат разговорите под посредништво на Обединетите нации со цел да се изнајде заемно прифатливо решение на прашањето за името, пишува во соопштението испратено од портпаролката Ери Канеко.
Оваа рунда разговори беше најавена од страна на портпаролот на ОН Мартин Несирки при крајот на септември, за време на Генералното собрание на Обединетите нации.
Претседателот на Владата на Македонија Никола Груевски, по средбата со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека Бан најавил и личен ангажман за да се обезбеди продолжување на разговорите, за кои Груевски кажа дека Грција прави се што може за да ги попречи.
Канеко изјави дека генералниот секретар понудил ваков личен ангажман. – Генералниот секретар истакна дека, доколку тоа биде потребно, и доколку двете страни го побараат, ќе биде подготвен лично да се ангажира во соодветен момент, и да изврши поттик за процесот да се придвижи напред. Имајќи ја предвид важноста на доверливоста во овие разговори, не можеме повеќе да коментираме за деталите на нашите разговори, изјави Канеко.
Грчкиот учесник на Генералното собрание, Евангелос Венизелос настапи со тврди грчки позиции, дека Македонија мора да прифати решение кое ќе се применува во секоја можност. Истиот став потоа го потврди и премиерот на Грција Андонис Самарас.