Новата амбасадорка во Атина Бошковска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка

Од:

Во позитивна и пријатна клима, во претседателската палата во Атина, новоименуваната амбасадорка на земјава во Грција, Лидија Бошковска денеска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

Церемонијата започна со интонирање на грчката химна, по што амбасадорката ги предаде акредитивните писма и по куса аудиенција на крај беше интонирана македонската химна.

За време на аудиенцијата, која поминала во срдечна клима, Сакеларопулу и Бошковска, според информациите на МИА, разговарале за билатералните односи, за соработката, економијата, пандемијата, но и за туризмот.

Заедно со Бошковска, акредитивите денеска ги предадоа и амбасадорите во Атина на Ирак, Филипини, Јужна Кореја и Нигерија, а на церемонијата во претседателската палата присуствуваа и заменик министерот за надворешни работи на Грција Костас Франкојанис и генералниот секретар на претседателката Василиос Пападопулос.

Бошковска е првата амбасадорка на Северна Македонија во Грција, по подигнувањето на дипломатските односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа, со што Канцеларијата за врски во Атина прерасна во Амбасада.

Воедно таа е и првата жена амбасадор на Северна Македонија што акредитивните ѝ ги предаде на првата жена претседателка на Грција.

Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција пред две години разменија ноти, со кои, согласно Договорот од Преспа, се подигна нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади.

Паралелно нашата Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун се подигна на ниво на Генерален конзулат, а истовремено грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

Би можело да ве интересира

Несреќа во Солун: Експлодира бомба, настрада 38-годишна жена од Грузија

Затворска казна до три месеци или парична казна од 300 евра за паркирање приколки или кампери на јавни простори во Грција

А1он

Штрајкуваат вработените во јавниот превоз во Грција

Грците уапсија шпион кој преку шифрирана апликација испраќал тајни материјали

Силен земјотрес го погоди Крит

Катерина Ѓуровски

Стејт департментот потврди: Бринк ја напушта Украина