Попладнево заврши увидот на терен од вештаците ангажирани од Бирото за вештачења кои собираа докази за сообраќајната несреќа во која загина новинарот Никола Младенов.
Според информации од судот тројца вештаци извршиле преглед на теренот за да направат споредба со извештајот на МВР од крим- техничкото вештачење кои содржи и елементи од сообраќаен карактер.
Вештаците неколку часа денеска истражуваа на местото на кое Младенов излета од патот и на точката на која заврши неговиот мерцедес. Се уште нема информации дали се пронајдени нови докази или единствено е направена реконструкција на инцидентот согласно вештачењето на полицијата.
Инаку увидот следува ден откако МВР му го престави на истражниот судија вештачењето со кое се утврдени брзината и траекторијата на движење, начинот на излетување на мерцедесот, превртувањата и излетувањето на Младенов од возилото. Претходно Судска медицина утврди дека Младенов починал од силен удар на аортата во моментот кога изгубил контрола врз возилото.
Не се исклучува можноста да следува ново вештачење за техничката исправност на возилото. Се најавуваат и независни сообраќајни експерти, а интерес пројавиле и германски механичари.
Случајот се уште е во предистражна фаза и така ќе остане уште неколку седмици со оглед на сложената истрага. Во меѓувреме новинарскиот тим на Фокус прави обиди за опстојување на неделникот Фокус на пазарот.
A1on