Македонската гранична полиција евидентираше нов случај на оштетување на возило пријавен од страна на македонски државјанин кој престојувал во Грција, со што бројот на вакви инциденти летово се искачи на 61.
МВР денеска соопшти дека на Граничниот премин „Богородица“, Б.Б. од Скопје, кој управувал со патничко моторно возило „Кадиз”, со скопски регистарски ознаки, вчера пријавил дека во местото Полихроно му биле прикриени ознаките МК со спреј. Оштетувањето не било пријавено во грчката полиција.
Со овој новорегистриран случај, во изминатиот период од страна на македонската гранична полиција биле регистрирани вкупно 61 оштетувања на возила и одземања на регистарски ознаки. Од пријавените оштетувања од страна на македонските државјани, 40 се кражби на регистарски таблички, од кои во 28 случаи на возилата им биле украдени двете таблички. Во однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега порасна на 21 случај.
Од сите случаи, 36 биле пријавени и на грчката полиција,но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Бројот на лица од Скопје кои пријавиле кражба на регистарски таблички или оштетување на моторно возило и натаму предничи и изнесува 32, а останатите пријави се на лица од други места од државава.