Иницијативата на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) за измени и дополнувања на законската регулатива што се однесува на ангажманот на сезонски работници е поддржана и од Асоцијацијата на хотелиерите на Македонија (ХОТАМ) и на сите субјекти од угостителскиот и туристичкиот сектор.
Претставниците на ХОТАМ денеска во Струга одржаа „деловен појадок“ со колегите од ОРМ, осмислен како начин за размена на идеи и мислења од кои би произлегле конкретни предлози за подобрување на регулативата во областите од интерес на работодавачите.
– Досегашниот тек на консултациите со членовите на ОРМ покажува дека сме на добар пат да дефинираме еден поширок сет предлози и мерки кои сметаме дека ќе ја подобрат деловната клима и ќе овозможат подинамичен раст на бизнисот и домашната економија. Предлозите кои се однесуваат на ангажманот на сезонските работници се дел од овој пакет кој ОРМ ќе го предложи за усвојување пред социјалните партнери штом се создадат услови за тоа, најверојатно веднаш по завршувањето на парламентарните избори, рече претседателот на ОРМ Ангел Димитров.
Претставниците на субјектите од угостителството и туризмот сметаат дека предлогот за воведување нов модел за пријавување и плаќање на сезонските работници по т.н. „систем на дневни купони или ваучери“, значително ќе го поедностави пријавувањето на односните работници, ќе придонесе за нивна социјална сигурност и ќе ги намали можностите за плаќање високи глоби за непријавените работници.
Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески од своја страна појасни дека на средбата биле дискутирани и дополнителни предлози што се однесуваат на начинот на плаќање на редовните вработени во екот на главната туристичка сезона и надвор од неа, кога обемот на работа на голем дел од капацитетите во сферата на туризмот е значајно намален.
– Сметаме дека сегашното решение за прераспределба на работното време во Законот за работни односи е недоволно прецизно и предизвикува проблеми во примената. Разгледавме и искуства од оваа област во други земји, како што е Словенија, кои сметаме дека се применливи и кај нас. Исто така, ја разгледуваме и идејата законски да се дорегулира сезонското ангажирање во туризмот, на студенти и лица до 25 години, како мерка со која ќе се намали одливот на млад кадар во странство, додаде тој.
Покрај нов модел за ангажман на сезонските работници, пакетот-предлози на ОРМ предвидува и законски решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места, како и измени во законот за трговски друштва соцел поттикнување на домашни инвестиции.
Односните предлози и мерки се разгледуваат на регионалните состаноци што ги иницира Организацијата на работодавачи на Македонија, а за што добива поддршка од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.