Нивото на водата на Преспанско Езеро е намалено за 313 сантиметри

Од:

Податоците за нивото на водата на Преспанското Езеро се добиваат и се анализираат од хидролошката станица во Стење, како и мониторинг-станицата во истото место. Денес нивото на водата во Преспанско Езеро е намалено за околу 313 сантиметри.

Мерењето на нивото на водата се врши со водомерна летва со нула на кота 847,68 метри надморска височина, и согласно тие податоци се забележува дека почнувајќи од 1987 година нивото на водата во континуитет се намалува. Максималното спуштање е регистрирано во периодот 2007 – 2008 година и изнесувал 493 см (842,75 м) под нулата на водомерната летва, потоа во периодот од 1951 до 1963 нивото на водата осцилира на релативно високо ниво (околу 850 м), а по 1975 година нивото на водата првпат се намалува драстично.

Од истражените податоци дознаваме дека намалувањето на нивото на водата на езерото се движи постепено и континуирано, па така во 2016 година во мај водостојот бил намален за 110 сантиметри, тој тренд продолжил до првата половина на 2017 година, додека во август 2018 година висината на водата била намалена за 166 см, за денес нивото на водата во Преспанско Езеро е намалено за околу 313 сантиметри.

Мобилизација на општинските и националните власти

Драстичното намалување на нивото на водата ги мобилизира властите да преземат мерки од нивна надлежност, соочувајќи се и со, како што велат, „виша сила“ или климатските промени, кои имаат големо влијание врз водите на езерото. Општина Ресен алармира за наглото повлекување на водата од езерото и побара владина поддршка.

– Преспанско Езеро е прогласено за споменик на природата и ние како задолжени за чување, грижа и одржување навремено со соработниците презедовме мерки за заштита на езерото и ја информиравме Владата. Не сме осамени во мерките за заштита на Преспанско Езеро, напротив, на мое барање и предложен заклучок, добив целосна поддршка за преземање итни мерки за заштита на езерото. Според заклучокот, изјави градоначаникот на Ресен, Живко Гошаревски, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе формира работна група со стручни лица, кои во најкус рок ќе извршат увид на состојбата со водостојот на езерото и причините за повлекување со конкретни мерки за решавање на проблемот.

Во меѓувреме, температурните варијации, манифистирани преку продолжени топлотни бранови, ненадејните намалувања на температурите и големите аномалии на врнежите изразени со помали количества и интензитет на дожд, исто така имаат големо влијание врз водостојот на езерото. За соодветен одговор на предизвиците, општината формира систем на одржливи капацитети за управување на сливното подрачје и заштитата на природата и во таа смисла е формиран сектор за животна средина со 14 вработени административци, чуварска служба, мониторинг-станица во Стење, во функција е екоброд, а основано е и управувачко тело за заштитените подрачја.

– Мониторинг-станицата во Стење функционира од пред пет години, а главна задача на станицата е вршење мониторинг на квалитетот на водите во сливот на езерото, како и во самото езеро. Покрај станицата, општината располага и со екоброд, кој на самото место зема мостри од водата и ги анализира. Анализите ги вршиме два пати месечно од мерни точки како во езерото така и во сливното подрачје. Станицата располага со биолошка и хемиска лабораторија. Резултатите од извршениот мониторинг посочуваат на добар кавалитет на водата во многу параметри што ги анализираме. Според нас, врз намалувањето на нивото на водата во езерото влијае и истекувањето на водата од Преспанското Езеро кон Охридското Езеро, а тоа е логично бидејќи Преспанско Езеро е на надморска висина од 853 метри, а Охридското Езеро е на надморска висина од 695 метри. Како дополнителен фактор за намалувањето на нивото на водата во езерото може да се смета и потребата од вода за наводнување на земјоделските култури, која на годишно ниво е проценета на околу 35 милиони кубни метри вода, велат од тамошната локална самоуправа.

Трендот на деградација на езерото мора да запре

За да запре трендот на деградација на Преспанското Езеро, постепено се обновуваат природните функции на езерото, а забележано е големо подобрување на квалитетот на водата. Подобрувањето на состојбите се должи на реализација на повеќе проекти во последните 15 години, со цел да се намали оптоварувањето со загадувачки материи врз езерото и да се воспостави интегрирано управување на сливните подрачја и екосистемот.

– Во проектите за заштита на езерото и сливното подрачје досега се вложени 15 милиони долари, поголемиот дел обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, дел од Глобалниот фонд за животната средина, УНДП и други извори. Програмата ја спроведува УНДП, во соработка со Општина Ресен, Министерството за животна средина и други партнери. Повеќе од 80 отсто од земјоделските производители на Преспа применуваат нови агроеколошки мерки, а употребата на вода за наводнување е намалена за скоро 60 отсто и секако уште треба да се намалува. Но, грижата за езерото мора да се сподели и со пограничните општини од Грција и од Албанија и затоа е потребна меѓународна конференција за меѓугранично одржливо и интегрирано управување со водите на Преспанско Езеро, порачуваат од Општина Ресен.

План за управување со споменикот на природата Преспанско Езеро

Во планот се содржани пакет-мерки и активности што се однесуваат на заштитата на биолошката разновидност, видовите и живеалиштата, како и одржливо управување со водите на езерото, со фокус на компонентата за прекуграничното управување. Состојбата мора да се подобри поради сè поголемото значење на езерото во светски рамки и поради огромното природно богатство што го има.

Од истражуваниот материјал се дознава дека на двете заштитени подрачја Езерани и Преспанско Езеро има големо природно богатство со висок број ендемични видови, односно 50 ендемски видови животни, 19 видови ендемски растенија, 9 ендемски видови риба или 5 во балкански рамки, а од нив во Преспа досега се пронајдени 4.

– Преспанско Езеро е една од најважните орнитолошки локации во Европа, 216 видови птици се забележани во Езерани, а познатиот далматински пеликан со околу 1.600 регистрани парови живее, се гнезди и се размножува на Преспанското Езеро. Токму поради тоа мора да се спречи намалувањето на водостојот и ние на тоа сме посветени, нагласуваат од Општина Ресен.

Преспанското Езеро е многу уникатен и повредлив еколошки и хидролошки систем, осетлив на климатските услови и активноста на човекот. Погледот од брегот на езерото кон залезот на сонцето импресионира, и само тогаш не се гледа проблемот со исчезнувањето на водата, кој е повеќе од видлив.

Би можело да ве интересира

НАСА: Преспанското Езеро од 1984 до 2020 загуби седум отсто од површината

Горан Наумовски

ВИДЕО: Преспа – жедното езеро

Предраг Петровиќ

Преспанското Eзеро е пред умирање додекa СДС И ДУИ тонат во матни бизнис зделки

Тело на битолчанец е пронајдено во водите на Преспанското Езеро

Горан Наумовски

Намален водостојот на Преспанското Езеро

Катерина Ѓуровски

Преспанско Езеро седум сантиметри под апсолутниот минимум, преполовени водостоите на повеќето реки,