Ниту една плажа во Охрид не плаќа надоместок за користење

Од:

Од 25 плажи на охридското крајбрежје, кои веќе ја почнаа летната сезона и пречекуваат туристи, ниту едно физичко или правно лице не плаќа за нивно користење, дознава „А1он“. За плажите не се плаќаат ниту комуналии и даноци, но од нив нелегалните стопанственици на крајбрежјето и годинава ќе остварат профит на грбот на своите сограѓани. Последниот договор за концесија е истечен во 2018, а тоа значи дека повеќе од две години трае дивото стопанисување со плажите. Но, иако законите се прекршени, институциите не реагираат, ниту го санкционираат ваквиот тренд во Охрид.

Според истенчените договори за концесија, некои од фирмите што стопанисувале со плажите веќе не постојат, но нивните газди и натаму издаваат лежалки, продаваат храна и пијалаци, остваруваат профит. Вина за тоа што плажите немаат легални стопанственици има и кај Општина Охрид, која нема распишано оглас за издавање концесии, а за тоа постојано има ново оправдување. Ниту пред оваа туристичка сезона на повидок нема дека ова ќе се промени.

Ако минатата година немаше оглас за концесионери поради мораториумот што беше донесен по барање на УНЕСКО, досега не добивме објаснување зошто огласот не е распишан ниту годинава. Од Општина Охрид се на ставот дека планираат да реагираат за дивоизградените објекти на плажите, но не и за работата на угостителите на крајбрежјето, како и издавањето лежалки, бидејќи тврдат дека тоа не е во нивна надлежност.

„Според Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион,  за плажите ќе се изработува урбанистичка документација, со која ќе се обезбеди дека нема да се врши бетонирање на брегот, нема да се градат платформи што навлегуваат во водата, нема да се изведуваат објекти од цврста градба и нема да се испуштаат отпадни води во езерото. Уредувањето на плажите ќе биде предмет на редовни инспекциски контроли. По изработката на урбанистичката документација, Општина Охрид, во согласност со своите ингеренции, ќе реагира на незаконското постапување“, објаснуваат од Општината за „А1он“.

Охридскиот градоначалник, Константин Георгиевски, минатата година во интервју за „А1он“ појасни дека е свесен оти се прекршува законот од страна на лицата што располагаат со плажите по што најави дека по судски пат ќе бара наплата на средства за целиот период во кој не се плаќал надоместок за концесија.

Решавање на проблемот со окупираните плажи во Охрид минатата година најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, но сите нелегални стопанственици работеа без никаков проблем. Владата најави дека ќе им ги одземе ингеренциите врз плажите, но ниту од ова нема ништо на повидок.

Би можело да ве интересира

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on

Претреси во Охрид поради лихварство и изнуда, уапсено е само едно лице