Посредникот за спорот со Грција, Метју Нимиц во интервју за Гласот на народот на ТВ Сонце и Е-вести вели дека верува, иако се поминати многу години, дека ако се направи обид на лидерствата и во Скопје и во Атина и ако се покаже добра волја од обете страни сепак може да се дојде до решение за името.
„Се уште верувам, иако знам дека поминаа многу години, дека ако се направи обид на лидерствата и во Скопје и во Атина и ако се покаже добра волја од обете страни може да се дојде до решение за името. Мојата намера е да продолжам да работам на оваа прашање, и со помошта на обете страни се надевам дека за наредните неколку месеци, ќе видиме решение на овој проблем“, вели Нимиц.
Прашан дали грчкиот предлог меморандум значи загревање на односите меѓу двете страни, Нимиц вели дека во оваа фаза не е најдобро да дава конкретни оценки туку ќе сочека да види како ќе се развиваат работите.
„Како што знаеме сегашната грчка Влада приложи Меморандум што е значаен чекор. Знам дека владата во Скопје го разгледува ова сериозно и мислам дека треба да ги оставиме двете страни внимателно да го анализираат развојот на настаните и да видиме како ќе продолжат од сега понатаму. За мене е најмудро во оваа фаза да не говорам ништо повеќе во врска со тоа. Јас немам намера да навлегувам во тоа, се што сакам да кажам е дека кога една влада предлага нешто треба да се почека на одговорот од другата страна и да се види дали тоа е начин со кој што може да се направи прогрес“, изјави посредникот на ООН.
На прашањето дали може да се дојде до решение без да се посегне по македонскиот идентитет, Нимиц вели дека секогаш верувал дека постои решение што ќе го зачува идентитетот на народот.
„Целта е да се најде решение што ќе ги задоволи аспирациите на вашиот народ, достоинствено решение со кое што се зачувува идентитетот додека во истовреме, ја задоволува и другата страна во смисла на нивните барања“.