Во Њујорк завршија дводневните средби на посредникот за спорот за името амбасадорот Метју Нимиц со претставниците на Македонија, амбасадорот Зоран Јолевски, и на Грција, Адамантиос Василакис.
На прес-конференција по средбите амбасадорот Нимиц рече дека двете страни разговарале за суштината на прашањето и најави скорешна нова средба во истиот формат.
– Прашањата се конкретизираат, не лебдат во воздух, изјави амбасадорот Нимиц.
Тој додаде дека разговорите се воделе за прашања коишто се тешки и за двете страни.
Ниту амбасадорот Нимиц ниту двајцата учесници во разговорите не сакаа да прецизираат понатаму. Нимиц изјави дека поголем број држави ги следат овие разговори конкретно и оти ги поттикнуваат двете страни и укажуваат на потребата да се најде решение.
Средбата се одржа во просториите на Советот за безбедност на ОН што дополнително укажува на повисокото ниво на интерес што светската организација го дава на овие разговори.
Нимиц најави нова средба во скорешно време. По разговорите грчкиот претставник Василакис прецизираше дека оваа средба може да се одржи во рок од месец до месец и половина. Како можни локации се спомнуваат Њујорк или неутрална локација во Европа, а постои можност и посета на Нимиц на двете држави, но сепак Василакис инсистираше дека средбата ќе биде на денешното ниво, амбасадорот Нимиц и на двајцата учесници во разговорите.
Василакис повеќепати ги одби прашањата околу посветеноста на Грција во овие преговори имајќи предвид дека Атина ја одби понудата за тројна средба на еврокомесарот Штефан Фуле.
Амбасадорот Јолевски по прес-конференцијата изјави дека Македонија останува посветена на изнаоѓање решение кое нема да се одрази врз македонското достоинство.