ВИДЕО: „Никофон“ платил 1.800 место 5.000 денари од квадрат за гаражата кај „Аутомакедонија“, Центар бара раскинување на договорот

Од:

Заедно со граѓаните до крај ќе се бориме кај „Аутомакедонија“ да не се изгради катна гаража, туку парцелата да им се врати на станарите и да се користи како паркинг, рече денес градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. „Никофон“, сопственикот на земјиштето превидено за катна гаража, од денес може да почне да гради оти добил судска одлука со која го добил и владението на парцелата, документ што досега му недостигал оти за парцелата владение имала фирмата „Паркинзи на Општина Центар“. Од паркингот предвиден да стане гаража висока 29 метри, градоначалникот Богдановиќ денес ги повика истражните органи да постапат по кривичните пријави поднесени за парцелата против „Никофон“ од станарите, како и по пријавите од Општината.

„Ова земјиште е продадено на јавна лицитација во 2012 година од тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со намена за изградба на катна гаража од 29 метри, на донесен ДУП 2011 година, а потоа менуван или усогласуван заради потребите на самите инвеститори и за усогласување на сите овие градби што се никнати потоа. Во согласност со уредбата за продажба на јавно земјиште цената се формира во согласност со намената. Тука имаме 70 отсто катна гаража и 30 отсто деловен објект. Ако се земат цените што се во уредбата за продажба на јавното земјиште, се доаѓа до цена од 5.000 денари почетна цена, а овде таа е 1.800 денари. Со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен, со тоа не треба да има ни договор, а паѓа и одобрението. По преземањето на земјиштето, ги добивме и предметите и тие што веќе биле завршени, така што до Јавното обвинителство веќе поведовме постапки за основано сомневање за оштетување на буџетот и злоупотреба на службената должност и чекаме одговор“, рече градоначалникот Богдановиќ.

Со ревидирањето на детаљниот урбанистички план градоначалникот Богдановиќ вели дека не можеле да ја избришат катната гаража бидејќи во Општината веќе имало почнати првни процедури за објектот. „Никофон“ доби одобрение за градење во 2014 година кога градоначалник на општина Центар беше Андреј Жерновски.

„Одобрението за градење е со важност од 6 години, во 2020 истекува рокот, до тогаш треба да се изгради. Ние ќе направиме сè до тоа да не дојде“, вели градоначалникот Богдановиќ, кој се сомнева дека инвеститорот брза за да го почитува рокот од одобрението за градење.

Со ревидирањето на планот градоначалникот Богдановиќ вели дека не можеле да ја избришат катната гаража поради почнати правни процедури за објектот

И станарите од зградите до парцелата и градоначалникот се пожалија дека Обвинителството со години не постапува по поднесените кривични пријави, па затоа одлучиле и јавно да ги повикаат.

„Сметам дека со овој начин малку ќе се освестат за да направат некои чекори оти ние нашето сме го направиле, граѓаните поднеле кривични пријави, никој не им одговара, ние поднесуваме како институција сомневања бидејќи сега ги имаме доказите во наши раце и веќе постапуваме и спремни сме тоа да го докажеме дека е така. Нека дојдат сите истражни органи, на крајот тука се и граѓаните со кои секојдневно споделуваме информации, еднаш засекогаш овие работи да се расчистат и да им се врати ова земјиште на граѓаните“, повика градоначалникот Богдановиќ.

Планот со кој е предвидена 29 метарската катна гаража е донесен 2011 година

За да ја спречат градбата, градоначалникот Богдановиќ вели дека му понудиле на „Никофон“ парично обесштетување или нова локација, но тој ги одбил сите предлози. Денес, кај парцелата беше и сопственикот Никола Настески, но остана на спротивната страна на паркингот. Не сакаше да даде изјава пред камера, туку побара да му испратиме прашања по имејл, но до објавување на текстот не одговори на прашањата од „А1он“. Тој утрово кај парцелата за катната гаража беше дојден со екипа која со себе носеше инструменти за мерење на просторот, но не успеаја да дојдат до парцелата.

Кај парцелата цело утро има полиција, а стража најавија и станарите, кои се решени да дежураат на паркингот за да не дозволат да почне да се гради. Ним денес градоначалникот Богдановиќ им објасни дека Општината во следниот период јавно ќе ги покаже сите документи, кои укажуваат дека договорот за купопродажба на земјиштето треба да се раскине.

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории