Несовесни граѓани со автомобили во текот на ноќта возеле по ски-патеката број 1 на Пониква и ја онеспособиле за скијање.
Вработените во фирмата концесионер „Еуроком“ од Кочани забележале дека снежниот слој со дебелина од дваесетина сантиметри е оштетен и раскопан од автомобилските гуми, чии траги беа видливи рано изутрината.
-Снегот што падна во текот на изминатите неколку денови ни овозможи одлично да ги подготвиме патеките за скијање, со оглед што за продолжениот празничен викенд очекуваме зголемено присуство на гости. Сепак, нечие несовесно однесување и возење по снежната патека, без разлика дали е намерно или е резултат на нешто друго, често ни создава вакви проблеми. Бараме надлежните да поведат поголема контрола и да го санкционираат таквото дивеење, истакна Благој Манев, управител на фирмата „Еуроком“.
Во текот на претпладневните часови почна санирањето на оштетувањата на патеката, при што се носи снег од други локации, а истовремено се поставува дополнителна заштитна ограда.
Инаку, пред почетокот на оваа скијачка сезона двата ски-лифта на Пониква беа целосно реконструирани за што беа обезбедени 4,8 милиони денари од Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и од буџетот на Општина Кочани.