Треба да се изврши притисок врз Грција и Македонија за „прашањето за името“, а се предлага и другите земји членки на ЕУ да ја притиснат Атина– односно неопходно е морално убедување на Грција по ова прашање.
Ова, како што јави дописникот на МИА од Атина, стои во извештајот на Комисијата за ЕУ на Горниот дом на британскиот Парламент, посветен на проширувањето на Унијата.
– Некои од најпроблематичните услови и стандарди воведени од страна на Европскиот совет се однесуваат на билатералните прашања меѓу земја кандидат и една или повеќе земји-членки, како што е ’прашањето за името’ меѓу Грција и Македонија, или едностраното блокирање на поглавја, како што е во случајот на преговорите со Турција, каде 10 од 35 поглавја се блокирани од страна на Франција и Кипар“, се вели во извештајот во кој се поддржува идејата билатералните прашања да се решат пред некоја земја да влезе во ЕУ.
Британските парламентарци истакнуваат дека било грешка што Кипар влегол во Унијата пред да се реши спорот за Северен Кипар, со што во ЕУ е увезен билатерален проблем кој се претворил во спор меѓу ЕУ и една од земјите-кандидатки.
– Тоа беше голема грешка, за која ЕУ и Турција сносат одговорност, и имаше сериозни негативни последици и за Турција и за ЕУ. Во иднина, ЕУ треба да преземе многу поефикасна акција со цел да избегне понатамошно увезување на билатерални спорови во Унијата, без разлика дали се територијални или од друг вид. Ако го направи тоа, важно е на трета земја да не и се даде де факто вето на присоединувањето на земја кандидат, се вели во извештајот.
Според документот, потребата за едногласност во Советот значи дека билатералните прашања можат да го нарушат процесот на проширување во било која фаза, а тоа е неизбежно и непожелно. Британските политичари затоа ја повикуваат својата Влада заедно со другите земји-членки, да заземе цврст пристап кон ова прашање, „охрабрувајќи отвореност околу билатералните или домашните проблеми и да бара да се најдат решенија кои ќе овозможат процесот на проширување да продолжи непречено“.