Нема договор ниту „Бадентер“ за Законот за прекршоци за да почне Сејф сити

Од:

Останува неизвесно дали од 1 февруари ќе почне примената на системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци преку проектот „Сејф сити“, како што најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Причина за тоа е што сè уште не е обезбедено двотретинско и Бадентерово мнозинство во Собранието, потребно за усвојување на измените на Законот за прекршоците.

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), предводена од Али Ахмети, засега не ги поддржува законските решенија што ги предлага власта, а за нивно усвојување е потребно и мнозинство од пратениците кои ги претставуваат заедниците.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг изјави дека меѓу пратеничките групи сè уште не е постигнат договор за носење на измените на Законот за прекршоците.

„Доколку се постигне договор, измените веднаш ќе бидат ставени на собраниска седница за гласање. Досега на координациите немаше забелешки на текстот на законските измени. Прашањето е во политичкиот договор меѓу пратеничките групи“, рече Гаши.

Со предложените измени треба да се овозможи прекршоците евидентирани преку камерите на „Сејф сити“ да се доставуваат до возачите по електронски пат – преку СМС порака или електронска пошта.

Според законските решенија, сопственикот на возилото ќе добива известување со линк преку кој ќе може да го преземе записникот за сторениот прекршок и прекршочниот платен налог. Доколку известувањето не се отвори во рок од 24 часа, ќе следи второ известување, а по истекот на осум дена доставата ќе се смета за уредно извршена и без преземање на документот. Доставата ќе може да се врши и преку дигитална апликација.

Измените предвидуваат и построги санкции, меѓу кои трајно одземање на возилото за возачи затекнати под дејство на алкохол или дрога, како и престанок на важноста на возачката дозвола.

Би можело да ве интересира

За една седмица констатирани 4490 сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“

Вреди: ДУИ да побара Албанија да го екстрадира Артан Груби

Филков: Кога Билал Касами ќе биде премиер, тогаш ќе кажува кој ќе биде министер

Горан Наумовски

ДУИ: Правосудниот испит мора да се полага и на албански

„Безбеден град“ за една недела регистрирал 4 991 прекршок, најмногу за брзо возење

Петрушевски: Двојни аршини на СДС и Филипче, велат дека треба да се казнат оние кои сакаат да возат без возачки, а од друга страна гласаат против имплементација на „Безбеден град”