Здружението „Бојкотирам“ на социјалните мрежи сподели постер со некои од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за кои има сомнеж дека ќе ги поддржат уставните измени. Од „Бојкотирам“ бараат посочените пратеници јавно да излезат и да кажат како ќе постапат на референдумот кога ќе треба да се спроведе договорот со Грција.
На постерот е и ликот на пратеникот Никола Груевски, кој до овој момент ги игнорира повиците на јавноста за тоа дали ќе им даде поддршка за уставните измени.
„А1 он“ му се јави на Груевски, но тој не одговори на повиците. Освен екслидерот на опозицијата, „Бојкотирам“ побара став и од пратениците Илија Димоски, Драган Данев, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски. „А1 он“ се обиде да стапи во контакт со нив, но неуспешно.
Пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Елизабета Канческа-Милевска, кои не кажуваат дали ќе ги поддржат измените на Уставот, ОЈО и СЈО ги сомничат за сторени кривични дела.
На социјалните мрежи реагира и Миленко Неделковски, кој пратениците објавени на постерот ги нарече предавници.
„Ајде бе, пуфли и прдлиња. Колку до завчера силни бевте! Надмени, арогантни. Нè предадовте, проклетници“, пишува Неделковски.
Кристијан Ландов