Неделков: СОНК нема да дозволи исплата на плата спротивно на Колективниот договор за култура

Од:

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска ќе има вонредна седница на Советот на која ќе одлучи за натамошни чекори поради доцнењето на мартовската плата за околу три илјади вработени во дејноста култура. Претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција рече дека веројатно ќе донесат одлука за протест, иако е период на избори, а ако проблемот се продлабочи, рече, веројатно ќе донесат одлука и за генерален штрајк во установите од културата.

На прес-конференцијата, на која присуствуваа и вработени во културата, СОНК изрази незадоволство од доцнењето на платата за март која, според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат до 15-ти односно до 10-ти во месецот.

Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државава, мартовската плата треба да им биде зголемена за 12 отсто. Пресметките се изготвени од установите за култура, но нема одобрување од Министерството за финансии и покрај ветувањата на ресорната министерка.

-Иако министерката излезе и кажа дека ќе нема проблем со платите, во дејноста култура сепак има проблем за исплата на мартовските плати. Проблемот датира уште од октомври лани за септемвриската плата, кога вработените во културата добија решенија за плата со ограничена важечка вредност. Тоа значеше дека до март ќе важат тие решенија, од март ќе се применува систематизацијата минимална плата по коефициент, не сметајќи ги во меѓувреме зголемувањето на платите за 10 проценти по основ на Општ колективен договор. Тоа ни беше јасен сигнал што може да се случи во април за мартовската плата и, еве, навистина, нашата загриженост и реакции беа оправдани во однос на тоа што Министерството за култура на чело со министерката за култура имаа план, стратегија и цел платите наместо 12,55 проценти да се зголемат само за 2,5 проценти, истакна Неделков.

Според него, веројатно Министерството за култура и не направило соодветен план за користење на средствата и, како што рече, „веројатно од таа причина Министерството за финансии не одобрува зголемени плати за над 12 проценти, толку колку што е зголемувањето на минималната плата во оваа година“.

Посочи дека имаат поведено и судски постапки во врска со промена на решенијата издадени од установите за култура, со цел, рече, „да не се случи ова што се случи со мартовската плата“.

-За жал, тврдите ветувања на министерката што беа објавени на нејзината фејсбук-страница на 1 април дека проблемот е надминат и дека не е така како што се обидуваат синдикатите да шпекулираат и воведуваат немир во членството, се чини дека тоа беше првоаприлска шега од страна на министерката и можеме да констатираме дека нивните мрачни планови за зголемување на платите во дејноста култура само за 2 проценти, се обидуваат да ги реализираат. Но, дефинитивно, СОНК нема да дозволи исплата на плата спротивно на Колективниот договор за дејноста култура и ова е прв чекор со кој реагираме за да изразиме незадоволство. Но уште денеска Советот на СОНК ќе одржи вонредна седница со одлука за натамошните чекори што ќе ги преземеме, истакна претседателот на оваа синдикална организација.

Би можело да ве интересира

Министерство за култура и туризам: Меморандумот за разбирање со Британскиот совет е платформа за развој на културната економија

Неделков: Вработените во Зоолошката постапиле согласно протоколите, на сметка на тоа се јавно линчувани

Јаневска: Зголемување на платите за пет отсто ќе добијат и другите кадри во образовниот систем

СДСМ: Наместо 12% наставниците добиваат само 5% зголемување на платите

Наставниците и професорите ќе добиваат плати повисоки за пет проценти, зголемување ќе имаат секоја година

Катерина Ѓуровски

Повисоки плати за наставниците сепак оваа година, Јаневска вели се појавила реална можност