Водостојот на Охридското Езеро во последниве седум дена бележи намалување за три сантиметри со што нивото на езерото е за 11 сантиметри пониско од просекот за март. Последното намалување за еден сантиметар, според неделниот извештај на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), е забележано на почетокот на викендов.
Понизок од просечниот е и водостојот на Преспанското Езеро и тоа за 1,44 метри, но е константен во изминатите седум дена со што за 21 сантиметар го има надминато апсолутниот минимум. Нивото, пак, на Дојранското Езеро е за 3,06 метри повисоко од просекот за овој месец и во средата дополнително порасна за еден сантиметар.
Понизок од просечниот е и водостојот на речиси сите реки во земјава и во последните седум дена најчесто се движи во исти рамки со мали осцилации нагоре или надоле.