„Не сакаме да живееме во Северна Македонија“, порача 17-годишната Клементина од Тетово на протестот пред Собранието против промената на уставното име. Таа додаде дека се собрале на протест со цел на мирен начин да го искажат незадоволството од договорот со нашиот јужен сосед.
„Ние не сакаме да живееме во Северна Македонија. Ние сме Македнци, а името на нашата држава е Република Македонија. Нема да дозволиме да бидеме дискриминирани и ниту едно од нашите права да ни биде ускратено“, рече таа додавајќи: „Нашата волја е повеќе од јасна: не прифаќаме договор кој ги прекршува нашите права. Ќе се избориме демократски, достоинствено и праведно. Секој ден ќе продолжиме со борбата. Ние сме Македонци, а името на нашата држава е Македонија“.
Според учесниците на протестот, наша најголема должност е да го зачуваме идентитетот и суверенитетот на државата. Внукот на Никола Карев преку видео-порака им се обрати на присутните, порачувајќи да не се менува името на државата, бидејќи земјава досега дала многу жртви.
„На 16 години тргнав по патот на Гоце Делчев. Работев премногу чесно. Се што требаше за Македонија се правеше дење и ноќе. Имам 96 години и сè уште сум за Македонија. Сакајте ја и чувајте за век и векови“, порача внуката на Гоце Делчев, Катерина.
Маја Илиевска-Пачемска