Навалица за вакцинирање во „Борис Трајковски“, закажаните за в сабота дошле денес оти сакале да користат продолжен викенд

Од:

Во салата „Борис Трајковски“ денес за вакцина дошле и оние кои имаат закажано за в сабота, доаѓаат и лица кои ги испуштиле термините од минатата недела не само од пунктовите во салата туку и од останатите во градот, а има и редовно закажани. Директорот на здравствен дом  Скопје, Виктор Исјановски, вели дека утрово пред салата граѓани чекале уште пред да отворат.

„Имале закажано за в сабота и сакале да користат продолжен викенд, понеделник е неработен ден, па побрзале денес да ја примат вакцината. Чекаат кога ќе има слободен пункт да влезат да ги вакцинираат. Лекарите не застануваат, успеваат некако да се организираат за сите што се дојдени да ја добијат вакцината“, вели директорот Исјановски за „А1он“.

Во редот за вакцина во „Борис Трајковски“ денес застанаа и граѓани кои го испуштиле терминот за вакцинирање од минатата недела. Двајца од нив велат дека имале закажано вакцина во поликлиниката во Чаир, но кога утрово отишле таму, им кажале дека не можат да ја добијат оти имаат под 60 години, а на пунктот оваа недела имале само од вакцината на „Астра зенека“.

„Имавме закажано во петокот, но не бевме во Скопје и ни кажаа дека може да дојдеме да не вакцинираат во рок од седум дена, кој било ден кога ќе можеме. Денес отидовме на пунктот во Чаир каде што ни беше закажано но ни рекоа дека оваа недела ќе боцкаат само со ’Астра зенека’. Иако сме под 60 години, согласни бевме да примиме и ’Астра зенека’ , но лекарката рече дека тоа не е возможно “, вели брачен пар од Скопје.

Од пунктот ги советувале во четврток да дојдат повторно да проверат доколку случајно стигне и некоја друга вакцина која може да се даде и на помлади од 60 години, оти и самите не знаат со која вакцина ќе им ги надополнат количините, а доколку истечат седум дена од закажаниот термин, им рекле повторно да се пријават преку системот за закажување. За да не им истечат седумте дена, дошле во „Борис Трајковски“.

Директорот Исјановски објасни дека во „Борис Трајковски“ се прифаќаат сите граѓани со закажана вакцинација за прва доза од вакцината за заштита од Ковид – 19.

„По одлука на министерот за здравство од минатата недела прва доза од вакцината се дава само на пунктовите во салата ’Борис Трајковски’. На сите останати пунктови се дава втората доза. Здравствените работници ги прифаќаат во салата и сите оние кои ги испуштиле термините. Доволно е да покажат дека имале закажан термин“, вели директорот Исјановски.

На веб – страницата за вакцинација, интерес за вакцинирање досега покажале 353.447 граѓани, а вакцинирани се 167.285 граѓани.

Би можело да ве интересира

Потпишана Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата

Горан Наумовски

Невакцинирани деца не би требало да се вратат во градинка вели новиот министер за здравство

Манолева: Пунктовите во здравствените домови работат со продолжено работно време

Над 3.600 деца вакцинирани или им е закажан термин преку кампањата „Од врата до врата“

Над 50.000 граѓани примиле вакцина против сезонски грип

За вакцинација против сезонски грип досега пријавени 58.012 граѓани, вакцинирани над 29.000