НАТО: Без решен проблем со Грција, Македонија не може да стане членка

Од:

Официјален претставник на Северно-атлантската алијанса денеска во разговор со дописникот на МИА од Брисел потврди дека Република Македонија нема друг начин да стане член на НАТО ако претходно не го реши наметнатиот спор за името со Грција.

– Ние сме благодарни и многу задоволни од тоа што Армијата на Република Македонија е наш партнер во ИСАФ мисијата во Авганистан. Исто така, факт е и дека вашата земја ги исполнува сите услови во однос на реформите за да стане член на НАТО. Сепак, според заклучокот од Самитот во Букурешт во 2008 година, а кој е донесен со консезус од страна на сите земји-членки на Алијансата, Македонија ќе стане официјален член на НАТО само откако ќе го реши проблемот за името, потврди официјалниот претставник на Северната алијанса кој инсистира на анонимност.

Оваа реакција од НАТО доаѓа по денешното претставување на годишниот извештај за 2012 година што во седиштето на Алијансата во Брисел го претстави генералниот секретар Андерс Фог Расмусен. Во овој извештај кусо е претставена и програмата „Продолжување на политиката на отворени врати“.

– По Самитот во Чикаго минатата година, НАТО се сретна со четирите партнери кои имаат аспирации да станат наши членки – Босна и Херцеговина, Грузија, Црна Гора и БЈР Македонија – при што е повторена посветеноста на НАТО за прием на нови членки. Алијансата ќе продолжи да работи со четирите партнери за да се постигнат потребните реформи што се потребни за да се достигнат стандардите на НАТО, се вели во годишниот извештај претставен од Расмусен.

Сепак, ако за првите три партнери на НАТО навистина постои потреба да ги усогласат домашните со стандардите на оваа воено-политичка организација, во врска со Македонија, официјалниот претставник на НАТО потврдува дека има чисто досие и постигнато врвни реформи, но дека прашањето за името е единствена пречка.

– Сите документи се подготвени за прием на Република Македонија. Решете го прашањето за името и автоматски ќе станете нова земја-членка на НАТО, потврдува нашиот соговорник, кој вели дека за да се дојде до такво решение, освен македонската, треба да се заложи и грчката страна, иако одрекува дека некој во НАТО врши притисок врз нашиот јужен сосед за ова прашање.

Би можело да ве интересира

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството