Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството

Од:

Членството на Северна Македонија во НАТО се реализираше во многу соодветен момент, пред почетокот на руската агресија во Украина. Интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјалистички амбиции. Украина е само прва станица, а една од следните ќе биде Западен Балкан, истакна денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој го водеше традиционалниот НАТО настан, со што започнаа Деновите на НАТО во земјава, со кои се одбележуваат четири години од членството на Северна Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата.

-Членството на Северна Македонија во НАТО се реализираше во многу соодветен момент, пред почетокот на руската агресија во Украина. На тој начин, земјава претставува не само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели, рече Османи, потенцирајќи дека сега е време за забрзување на европските и евроатлантските интегративни процеси.

Според него, сега повеќе од било кога, евроатланската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста и за консолидирање на стабилноста.

-Евро-атлантските интегративни процеси се најдобрите демократски алатки за спречување конфликти и злонамерно вмешување на трети страни, рече министерот.

Османи го поздрави проширувањето на трансатлантското семејство со две нови земји членки – Финска и Шведска, нагласувајќи дека ваквиот чекор е особено значаен бидејќи ќе ја направи Алијансата посилна и дополнително ќе ја зајакне евро-атлантската безбедност.

Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во своето обраќање рече дека со гордост можеме да кажеме дека го исполнивме сонот на многу генерации и дека така, треба да го исполниме сонот за Европската Унија, сега пореален од било кога.

-Денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата. Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ. Како што ги ставивме интересите на граѓаните и на државата во преден план наспроти личните или партиските кога ги носевме тешките одлуки за НАТО, така ќе направиме и за нашето членство во ЕУ. Но, како и денес за НАТО, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, знаеме дека граѓаните ќе ни бидат благодарни, рече Маричиќ.

Тој истакна дека со одговорниот однос кој го имаме кон реформите и пристапните преговори со ЕУ, ќе успееме во достигнување на целта, Северна Македонија до 2030 да биде успешна европска приказна.

Со честитки за четиригодишнината од НАТО членството на земјата, нејзиниот придонес во колективната безбедност и свои видувања за тековните предизвици се обратија и претставници на дипломатскиот кор во земјата.

Шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, чија земја неодамна се приклучи кон НАТО, изрази благодарност од страна на Шведсака за поддршката на нивната апликација за членство.

-Изразувам благодарност најмногу на Владата на Северна Македонија за безрезервната поддршка на нашата апликација во тешки околности овде и имавме широка поддршка од оваа земја на нашиот пат до полноправно членство во НАТО и сме ви благодарни за тоа. Ние ќе бидеме доверлив и кредибилен партнер што ќе покажува солидарност до сите земји-членки на НАТО, со нетрпение очекуваме да имаме целосна улога за следната година да прославиме едногодишнина од нашето членство во НАТО.

Украинската амбасадорка Лариса Дир истакна дека Украина и честита на Северна Македонија за четвртата годишнина од пристапувањето кон моќното семејство на НАТО и сега го гради својот сопствен одбранбен систем, ја модернизира македонската армија во согласност со стандардите на НАТО, и македонската Влада отсекога, како што рече, одговарала на барањата на Украина за помош со муниција и со оружје.

-Украинците и се благодарни на Северна Македонија за нејзината помош и што донесоа толку одлуки за да помогнат на одбранбените сили на Украина, за да се одбранат против руската агресија, рече Дир.

Евроамбасадорот Дејвид Гир ја поздрави Северна Македонија за нејзиното продолжено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ до сто проценти и исто така ја пофали за, како што кажа, нејзиното лидерство и примерот што го поставува во однос на Украина.

-ЕУ ужива стратешко партнерство со НАТО коешто се заснова на споделените вредности, одлучноста да се справиме со заедничките предизвици и нашата безрезервна заложба во одбрана на мирот и безбедноста во евроатлантската област. Особено е важно во време кога постои еден јавен замор во лицето на многуте конфликти да продолжиме да се соочуваме со најголемата закана за евроатлантската заедница со децении, а тоа е руската брутална агресија, насилство и прекршување на меѓународното право и начелата на Повелбата на ОН, што ги поткопува начелата за глобалната безбедност и стабилност и која што ја зајакна енергетската и прехранбената криза, рече Гир.

Би можело да ве интересира

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски