Истрагата за предметот на СЈО со кодно име „Друмарина“, во кој е осомничена експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, е во финална фаза. Ова го пишува во седмиот шестмесечен извештај на специјалното јавно обвинителство, што беше објавен вчера.
Изминатите 6 месеци СЈО презело голем број истражни дејствија, сослушало сведоци и поднело повеќе барања до различни институции од кои ги добиле бараните податоци.
СЈО на 22.10.2018 и 25.12.2018 година воспоставило стварна надлежност на предмети од скопското јавно обвинителство поврзани со истрагата.
„Предметот се наоѓа во финална фаза, па по завршување на истражната постапка, ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, пишува во извештајот на обвинителството.
На 19 декември 2017 година, СЈО отвори 7 нови истраги, меѓу кои и истрагата за Бонева. Според СЈО, во периодот од јуни 2012 до декември 2015, Силвана Бонева приложила 843 фискални сметки кои наводно ги зела патувајќи на релација од Струмица до Скопје.
Обвинителството тврди дека има докази оти Бонева имала сместување во главниот град и дека нејзиното возило поминало 100 илјади километри помалку отколку што требало да има изминато ако навистина патувала секој работен ден.
Бонева тогаш изјави дека истрагата е неоснована и дека нема да коментира истраги на орган кој немал право да отвора истраги.
Според извештајот на СЈО, во завршна фаза се наоѓаат и истрагите за „Актор“, „Лидери“, „Моќник“, „Тарифа 2“, „Транспортер 2“.
Васко Маглешов