Народен правобранител: Средношколците не учествуваат суштински во донесувањето одлуки за образовниот процес

Од:

Македонските средношколци формално, а не суштински и квалитетно учествуваат во донесувањето одлуки во нивните училишта кои се однесуваат на прашања од воспитно-образовниот процес што ги засегаат, иако членот 12 од Конвенцијата за правата на детето го гарантира тоа право на детето односно ја задолжува државата да му се даде можност да го изрази сопственото мислење, согласно со неговата возраст и зрелост.

Тоа е заклучокот во Посебниот извештај за состојбата со почитувањето и остварувањето на правото на учество на детето во донесување одлуки во средните училишта во Република Македонија, кој денеска го презентираше Народниот правобранител на Република Македонија по спроведено истражување во второто полугодие на 2015/2016 година. Составен е врз основа на одговорите на 14 прашања што ги добиле од директорите, стручните кадри (педагози и психолози) и дел од професори од 103 средни училишта во 38 градови.

– Анализата на прашалниците добиени од 103 средни училишта во Македонија ја потврдува констатацијата дека не е законски уредено прашањето на учество на децата во донесувањето одлуки. Анализирајќи го Законот за средно образование, утврдивме дека учениците, нивните родители или старатели имаат можност на некој начин да учествуваат само преку форма на поднесување приговор, и тоа во три случаи – кога не се задоволни од оценка на крајот на годината, во случај на резултатите од екстерното проверување или за изречена педагошка мерка, рече Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик народен правобранител.

Според неа, во услови кога родители/старатели и наставници во воспитно-образовниот процес одлучуваат наместо децата за битни работи, прашање е колку може да се очекува дека децата навистина ќе може да го остварат она што се очекува од нив – да израснат во вистински граѓани кои ќе знаат да живеат во демократско општество, да знаат да ги почитуваат вредностите, да градат вредности и да почитуваат различности.

Истражувањето покажало дека учеството на учениците во донесувањето одлуки не е унифицирано т.е. подеднакво во сите средни училишта и дека во 61 средно училиште учеството на децата е уредено со некаков интерен акт на училиштето, а во 42 нема форма на организираност за учеството на децата во донесувањето одлуки.

– Затоа, во нашите препораки до Министерството за образование и наука, препорачавме измени на Законот за средното образование, каде ќе му се даде посебна, правна форма на правото на учество на децата и правото на ученичко здружување, каде претставниците на учениците квалитетно ќе може да ги застапуваат правата на децата, да ги изразат нивните ставови и интереси, и тоа не само за небитни прашања, како што се дадени во одговорите во прашалниците – за екскурзии или за одлучување каде ќе ги прават матурските вечери итн., туку за многу посуштински прашања поврзани со образовниот процес, чии последици учениците самите најдобро ги гледаат, истакна Бајрамовска-Мустафа.

Посочи и дека од истражувањето се добива впечаток дека раководствата на училиштата ги мешаат поимите „учество“ и „здружување“ во училишни заедници или совети на ниво на клас или училиште – каде што барањата или ставовите на учениците ги претставуваат претседателите на класови. 

Посебниот извештај му е доставен на Министерството за образование и наука и Народниот правобранител на РМ очекува прифаќање на нивните препораки и дека ќе бидат направени измени кои ќе придонеат за доследна примена на членот 12 од Конвенцијата за правата на детето во сферата на образованието.

Би можело да ве интересира

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Народен правобранител: Пријавете повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321

Владата бара решение за оние кои платиле за нови возачки и сообраќајни

А1он

Зибери: Собранието не избра заменици, а Владата не обезбеди соодветни просторни услови за Народниот правобранител

Народен правобранител одбележа 25 години од основањето на институцијата

Протест на вработените во Народниот правобранител – незадоволни од платите и статусот кој го имаат како службеници