Екипата на ТВ Алсат била нападната во близина на пожарот што утрово избувна во скопско Визбегово, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во моментов се привршува службен разговор во полициска станица со лицата што се нападнати.
Здружението на новинарите на Македонија го осудува денешниот физички напад врз новинарската екипа на телевизијата АЛСАТ М, која известувала за големиот пожар на дивата депонија во Визбегово.
-Според информациите од колегите, новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредини од екипата биле физички нападнати од лице сопственик на отпадот за кој се смета дека го предизвикал пожарот. Напаѓачот насилно му го одзел мобилниот телефон на новинарот Тахири и го фрлил во огнот, а снимателот Шенол Хајредини бил исто така нападнат и му била скршена камерата. Лицето е уапсено од страна на Министерството за внатрешни работи, а случајот е пријавен во МВР, се наведува во реацијата на ЗНМ.
Од Здружението велат дека се во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО за заштита на новинарите и медиумските работници.
Отпадот за старо железо, како што информираа од МВР, е регистриран на име на фирма „АСД метал груп“.
При гаснење на пожарот е повредено едно лице, кое веднаш е пренесено на укажување лекарска помош.
Поради силниот ветер и густиот чад, хеликоптерот на МВР што учествуваше во гаснењето на пожарот кај Визбегово е повлечен во базата.
Во гаснењето на пожарот е вклучен и „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и повеќе возила на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на ЈП „Комунална хигиена“.
Горат хаварисани возила, на кои имало монтирани плински уреди и од кои на терен се слушаат детонации.