Наместо во февруари вакцини на „Фајзер“, како што беше првично најавено од страна на Министерството за здравство, првата доза вакцини против Ковид-19 ќе пристигнела во текот на идниот месец, информираа вечерва од Министерството. Станува збор за вакцината произведена од компанијата „Астразенека“, изработена во соработка со Универзитетот Оксфорд.
„Од КОВАКС информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината“, стои во дописот од Министерството.
Ова практично значи дека во земјава во првиот квартал од годинава треба да пристигнат од 30 илјади до 50 илјади вакцини.
Дополнително, од КОВАКС информирале дека во првиот бран на достава на вакцината на „Фајзер“ и “Бионтек“ се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19.
Од КОВАКС механизмот изјавиле дека во идните фази на дистрибуција дози на „Фајзер“ вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот.
Министерството за здравство потенцира дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку КОВАКС механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои државава треба да ги добие.
„За таа цел, вчера во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата. Во однос на вакцинирањето, Република Северна Македонија има развиена безбедена и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата. За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување на соодветни ладилници. Системот за вакцинација е целосно подготвен. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години,“ велат од Министерството.