Наместо Антикорупциската комисија, во новите простории на барокната зграда се всели вицепремиерот Артан Груби

Од:

Првиот заменик премиер и министерот за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, денеска се всели во нови простории, кои на својот профил на Фејсбук, ги нарече „нашиот нов дом“.

Со десетици уметнички фотографии, кожна гарнитура во честерфилд стил, маса од масивно дрво се опремени новите простории во објектот од „Скопје 2014“ кој досега го користела Службата за општи и заеднички работи на Владата, а отсега ќе го користат вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во истите овие простории односно во „новиот дом на Груби“ требаше да биде сместена Државната комисија за спречување на корупцијата, нешто што беше ветено од Владата уште при изборот на новиот состав на комисијата во 2019 година.

Според Груби, со обезбедувањето на овој објект за Министерството за политички систем, „се обезбедило и успешно функционирање на политичкиот систем, како и реализација на стратешките приоритети што произлегуваат од Охридскиот Рамковен Договор и истовремено се обезбедила подобра координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на овој Договор“.

Зградата во барокен стил, во близината на Националната опера и балет, на улицата „Филип Втори“ му била доделена во трајно користење на новото Министерството за политички систем, со вкупна површина од 5.302 квадратни метри.

Увид на вселувањето денеска изврши премиерот Зоран Заев кој рече дека новите простории на Министерството се откупени од Акционерското друштво за станбен и деловен простор.

На свеченото отворање, освен Заев и „домаќинот“, министерот Артан Груби, присуствуваа и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери и вицепремиерот Љупчо Николовски.

„Новиот простор благодарение на можноста самата Влада, министрите под раководство на првиот потпретседател на Владата, од голем дел на заштедените средства уплати 620 милиони денари или 10 милиони евра на Акционерското друштво за станбен и деловен простор за да ја откупи зградата која го врати кредитот. Државата си врати кредит со овие пари, притоа доби едно ново Министерство“, рече Заев.

Во оваа зграда првично беше планирано да се смести Државната комисија за спречување на корупцијата, но Заев рече дека за Комисијата биле предвидени пари да се направи реконструкција на постојните простории.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска вели дека немале друг избор, освен да ги реновираат постојните простории, со оглед на тоа што биле известени дека нема да можат да се вселат во новиот објект, каде беше планирано да се смести и опремата, односно софтверот, добиена преку проект на ИПА.

„Надлежните нѐ известија дека државата нема можности да го купи тој простор, па затоа ние за да го решиме проблемот со просторните услови за вработените, а уште повеќе со условите за сместување на опремата што Комисијата ја доби преку ИПА проект, донесовме одлука за реконструкција на истиот. Едноставно моравме сами нешто да направиме, бидејќи политичката волја беше таква, односно Владата си донесе одлука да го купи истиот простор, во кој ДКСК требаше да се пресели и во тој простор да го пресели Министерството за политички систем“, вели Ивановска за „А1он“.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со двотретинско мнозинство во Собранието беше изгласано на 27 март 2019 година, трансформирајќи го дотогашниот Секретаријат за спроведување на рамковниот договор.

Би можело да ве интересира

Управен суд донесе одлука: Прием на слушатели на Академијата за судии и обвинители по изборите

Управен суд пресуди во полза на Академија зa судии и јавни обвинители, ја поништи одлуката на Антокорупциска

Антикорупциска го усвои приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

Антикорупциска решава за приговорот на Силјановска Давкова за тестирањата за прием во Академијата за судии

Артан Груби имал две опомени за прекршување на етичкиот кодекс, Џафери ќе одлучува дали ќе го казни

Орце Костов

Николоски: ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа уцени, Груби и Ахмети сакаат вечно да владеат