Согласно Законот за лекови и медицински помагала и Методологијата за начинот на формирање на цените на лековите од вчера намалени се 434 малопродажни цени на лекови и максималните цени на вкупно 589 генерички и оригинатори (иновативни) лекови.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција појасни дека ова е шсто по ред намалување на цените на лековите со кое се опфатени 228 малопродажни цени на генерички лекови и 206 иновативни лекови и оригинатори.
– Намалувањето на цените на лековите е една системска реформа на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, која во континуитет ја спроведуваме, со цел да овозможиме поголема достапност на лековите кои се неопходни за одржување на здравјето, за превенција и за лекување на одредени заболувања, рече Тодоров.
Според него, вкупната заштеда кај генерички лекови на годишно ниво изнесува 52.629.012 денари, додека кај оригинатори и иновативни лекови изнесува 110.011.681 денари.
Најголемо процентуално намалување на максималната цена има кај Дексаметазон инјекциите, односно 74,58 проценти, кај антивирусниот лек Ацикловир намалувањето е 71,10, Паклитакселот – лек за карцином е поефтин за 67,15 отсто. Максималната намалена цена кај оригинаторите е 43,3 проценти кај Таксотер, 38,4 отсто кај Флудара и 36,7 кај антивирусниот лек Копегус.
Со намалувањето, како што информира Тодоров, се опфатени како лековите за болничка употреба, така и лековите кои граѓаните ги купуваат во аптека.
Просечното намалување на малопродажните цени на генеричките лекови изнесува 12, а кај оригинатори 11.4 проценти.
– Најголемо намалување на малопродажна цена се јавува кај Цефиксим – антибиотик сируп од 100 мг/5мл – со разлика во цената од 36,08 отсто, односно старата малопродажна цена била 962.50 денари, а новата изнесува 615.24 денари, што ќе овозможи годишна заштеда од околу 87 илјади евра. Кај Зитрон таблетите, кои се лек против повраќање и најчесто се дава после хемотерапија, со разлика во цена од 48,37 проценти старата малопродажна цена била 1.131 денар, а новата изнесува 584 денари, што ќе овозможи годишна заштеда од над 27.640 евра, истакна Тодоров.
Ресонриот министер информира дека најчесто препишувани лекови, кои граѓаните ги земаат од аптека, според мој термин со намалени цени се Дицлофенак и Кетопрофен од нестероидните антиинфламаторни, од антибиотиците Амоксицилин, Ампицилин, Азитромицин и Цефалексин, а од од антихипертензивите Лосартан и Амлодипин.