Професорката Мирјана Најчевска излезе со свое гледање на настанот кога премиерот Никола Груевски упадна на прес-конференцијата на Професорскиот пленум.
Еве што напиша Најчевска на својот ФБ профил:
Ајде да не ја префрламе топката.
Единствениот скандал кој јас го гледам овде е јасната, недвосмислена и незатскриена узурпација на власта која ја манифестира Никола Груевски.
Со својот настап, со својата изјава и потоа со водењето на фарсата наречена дебата во Собранието, Груевски ни соопшти дека:
– тој е апсолутен газда на секоја институција во државата
– парламентарците се безгласни букви кои си седат и молчат со цел да му угодат на господарот Никола Груевски
– дека нема намера ни формално да го почитува Уставот, а за законите ич муабет да не правиме
Кецароштот од последната клупа сака да ни ја наметне кецарошката логика на сите нас, а пропагандните центри на власта кои лажно се претставуваат како медиуми, скокаат на секој негов миг и со бесно лаање успеваат да го свртат вниманието од вистинскиот проблем.
И всушност на ваков начин сакаат да убијат повеќе муви со еден удар.
1. Да го свртат вниманието од скандалозното и отворено диктаторско однесување на Никола Груевски
2. Да го свртат вниманието од непостоењето на законодавен дом и бессмисолот на изборите во кои си избираме марионети на властодржецот, наместо наши претставници
3. Да ја прикажат Ванковска како херој и да ни ја подметнат како кукавичјо јајце за иден лидер на отпорот (кој на тој начин е однапред осуден на пропаст)
4. Да ги омаловажат професорите и да го свртат вниманието од очигледната разлика меѓу кецарошот кој лаже и пелтечи по телевизиите и интелектуалната елита на ова мало државиче.